Претседателот на македонското Собрание Африм Гаши ќе определува пратеник кој ќе претседава со седниците на Комисијата за социјални прашања.
Ова денеска го соопшти Гаши на брифингот со новинарите наведувајќи дека тоа ќе се случи само во ситуација доколку Европски фронт не предложи нов претседател на оваа собраниска комисија бидејќи има право на тоа.
Од коалицијата Европски фронт неодамна соопштија дека тие немаат намера да предложат нов претседател откако Илире Даути поднесе оставка по изгласаната интерпелација со која се утврди дека таа работела несовесно и неодговорно.
-Тие не го знаат Деловникот на Собранието, членовите 126 и 114, кои се однесуваат на тоа како се деблокира Комисијата и како се избира нејзиниот претседател. Ако не предложат нова личност ние ќе определиме пратеник кој ќе претседава со седниците на Комисијата, како што доаѓаат законите на неа – рече Гаши.
На прашањето дали ќе внимава за да предложи пратеникот да биде од редовите на Европски фронт, Гаши одговори дека тоа нема да го прави.
-Не треба да внимавам на тоа пратеникот да биде од нивните редови и нема да внимавам – рече Гаши. (Б.Ѓ.)