Престижната француската издавачка куќа „Галимар“ ја објави збирката раскази „Не одам никаде“ (Je ne bouge pas d’ici) од писателката и универзитетска професорка Румена Бужаровска, а во превод на Марија Бежановска.
Француското издание на „Не одам никаде“ следува откако претходно „Галимар“ ја издаде и „Мојот маж“. Основана во 1911, а од 1919 година позната под името „Библиотека Галимард“, француската издавачка куќа е една од највлијателните издавачки куќи на 20 век, кога објавувала дела на Марсел Пруст, Жан Пол Сартр, Албер Ками…
„Не одам никаде“, по изданијата во САД, Турција, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Франција, во март ќе добие и шпански превод во издание на „Импедимента“, додека, пак, „Мојот маж“ го очекува бразилски превод во издание на „Тодавиа“.
Инаку, откако пред еден месец беше објавен првиот роман на Бужаровска „Тони“, како што информираат од издавачкиот центар „Три“, јавноста веќе ќе може да го чита и неговото второ издание.
„За Тони – машкиот книжевен (анти)лик создаден од остроумното женско перо на Бужаровска – допрва ќе се зборува“, велат од „Три“. Тие дополнуваат дека карикатуралноста и поларизираноста што романот ја предизвикува кај читателите, предизвикуваат „Тони“ да изгледа навидум како „лесно четиво“, но ракописот нè нурнува во бездните на човековата природа и локалната традиција.
„Остро критикувајќи ги, Бужаровска радикално ја користи алатката на поларизација поигрувајќи си со читателот, за да поттикне кај него чувство на лична одговорност и емпатија“, додаваат од издавачката куќа.
Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и „работи“ во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него. Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода. Наместо да ги храни своите лични односи со емпатија, почнува паразитски да нагризува од емпатијата и љубовта на луѓето кои се грижат за него. И полека тоне. Удолу го влече товарот на неговиот лежерен став кон животот, недостигот на сопствен интегритет и живеењето на стара слава, која исто така е под знак прашалник. Но дури ни тоа не го освестува за да стане подобар рокер и подобар човек.
Румена Бужаровска (р. 1981) е македонска авторка, преведувачка и универзитетска професорка. Досега ги има издадено збирките раскази „Чкртки“, „Осмица“, „Мојот маж“ и „Не одам никаде“, збирката есеи „Господ, па Америка“ и романот „Тони“.