Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, кој неодамна беше во прва официјална посета на Бразил, беше претставен како премиер на Југославија, држава која повеќе децении не постои. Поради здравствените проблеми на претседателот на Бразил, Луиз Инасио Лула да Силва, Фицо бил пречекан од потпретседателот Гералдо Алкмин.
Како што објави Блумберг, Алкмин читал напишан говор за време на средбата со Фицо.
„Лула ме замоли да ви испратам топла прегратка и да ја споделам неговата среќа да ве прими“. А, потоа следел неверојатен гаф: „Инаку, ова е првпат премиер на Југославија да го посети Бразил и ние сме среќни и почестени“.
На говорот од кој читал Алкмин, точно била спомената Словачка, а не Југославија. Што се однесува до Фицо, кој го слушал Алкмин со помош на преведувач, тој оставил впечаток дека не го забележал гафот.