Фросина означува мир и длабока радост и го должите мирот поради одземената радост

240

Сонот на младата неготинчанка бил да стане позната модна дизајнерка на светските модни писти, нејзината желба за живот и прогрес се гледа од креативноста изразена преку шарените фустани и авангардниот стил кој го гаела во нив. Немирниот дух на младата девојка која го скротувала правејќи нешто убаво за оваа наша мала земја и е одземен на непростлив начин, од младо момче кое возело без дозвола, поминувало на црвено, пијано. Зад воланот не седел само 20 годишниот, кој наместо да биде во затвор за дрога, судот му дозволил да се брани од слобода, друштво му правел и овој наш трул, расипан систем кој треба да одговара за низа сторени кривични дела против загрозување на животот на граѓаните.

Судии, обвинители, полицајци вие на пешачки премин, на црвено и без дозвола го згазивте сонот на уште еден наш млад амбасадор, вие создадовте чудовишта од размазени дечишта од кои денеска сите се плашиме, на улица, во автобус, во кафич, оти нели разумот и чесноста ви го надвладеа пријателството со локалните моќници и користољубието. Системот кој Вие треба да го градите во функција на заштита на граѓаните на оваа мала земја, дозволивте пијани, издрогирани, момчиња со скапи коли возејќи со голема брзина и тоа на пешачки да ни ги одземат, Фросина, Фросина, Викторија, Магдалена, Иван…

Името Фросина значи мир и длабока радост, на лицето од сликите на младите студентки кои смртно беа прегазени на Партизанска им го должите мирот, и да ќе речете правдата ќе биде задоволена ќе одлежат некоја година во затвор, за потоа преку инструментот олеснителна околност бла бла бла да ги пуштите повторно да дивеат зад воланот.

Доста е! Бараат нивните најблиски, нивните пријатели кои се скршени од болка и неможат да се помирaт ниту со вистината ниту со оваа ерозија на вредности која како свлечиште сите ќе не порие. Граѓаните се гневни од неказнивоста, од недоволната заштита од фаќањето врски, од кревањето раце од проблематичните деца. Многу оддамна присуствував на едно судење за прегазено мало девојче во Скопје, возачот беше повозрасен човек и побара прошка од скршената мајка на девојчето кое го прегазил со камион. Ти простувам тивко се слушна во малата судница во аплециониот суд. Простувањето е христијански и човечки, мајките на сите овие прегазени деца можеби еден ден ќе им простат на овие зад воланот, но не сум сигурна дека ќе си простат себе си што оставиле ваков никаков систем да се грижи за нивните изгубени деца.

И нека се замолчат политичките партии, нека се сокријат во дупка, нека не бараат имиња и презимиња на судии, си ги знаат, од нивните политики сме во една колективна депресија, тие повеќе од 30 години ветуваа оази на мирот, благосостојба и соживот, но наместо тоа останаа неказнетите да ни ги газат и убиваат по улици и тие малку што ги имаме надежни и трудољубиви деца.

Пандорче Антеска 

ИЗДВОЕНИ