Фрлањето отпад на депонијата кај селото Бели ќе чини 220 денари од кубен метар

28

Комуналните претпријатија од општините Виница, Зрновци и Чешиново – Облешево, кои го фрлаат собраниот отпад на депонијата кај селото Бели, Кочани, во иднина ќе му плаќаат на кочанското комунално претпријатие по 220 денари за кубен метар.

Висината на надоместокот ја договорија градоначалниците од четирите општини во регионот, при што потпишаа и меѓусебен договор. Со тоа треба да се надмине проблемот околу обезбедувањето финансиски средства за третман и уредување на просторот на депонијата кај селото Бели.

– Според договорот, Општина Кочани, преку КЈП „Водовод“, ќе презема активности за управување со депонијата, согласно со членот 28 од Законот за управување со отпадот, на начин  што нема да се дозволи расфрлање на отпадот. Количините на депонираниот отпад ќе се утврдуваат на дневна основа, на самата депонија, според носивоста на возилата. Средствата треба да се уплатат во рок од 15 дена од денот на приемот на извештаите на сметката на комуналното претпријатие, кое, пак, ќе изготвува месечен извештај, кој ќе го доставува до општините потписнички на договорот – истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Обврска на комуналното претпријатие „Водовод“ е редовно да го собира отпадот и да го расчистува просторот на депонијата, со што ќе се спречи негово расфрлање во околината и ќе обезбеди одржување на јавната чистота. Исто така, обврска на Општина Кочани ќе биде обезбедување на 24-часовна чуварска служба на депонијата. Доколку, во меѓувреме, произлезат прашања што не се предвидени со потпишаниот договор, тие ќе се уредуваат дополнително, со анекс.

 

ИЗДВОЕНИ