Започнати се консултации за повеќе амбасадорски места, за што Владата и МНР ќе информираат во периодот што следува, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, запрашан дали се знае кој ќе го наследи Фрчкоски во Постојната мисија при ОН во Њујорк, откако Фрчкоски не чекаше да биде разрешен од функцијата, туку сам си поднел оставка до претседателката Гордана Силјановска-Давкова и за тоа го известил МНР. Во однос на актуелната дипломатска мрежа на земјава, Мицкоски рече дека има причина за незадоволството на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Според Мицкоски, некој ја приватизирал и партизирал таа институција и сега веќе, како што нагласи „полека, но сигурно се ослободува“.
– Кај нашиот стратешки партнер САД, во Амбасадата, имаме две вработени лица, а во Мисијата на ОБСЕ од две, имаме 12. Ако сме стратешки партнер со САД треба така и да се однесуваме. Не само да мавтаме со знамето, треба и со дела да покажеме дека навистина сме стратешки партнер. Септември доаѓа, многу работи ќе излезат на виделина, изјави Мицкоски.
Амбасадорот и постојан претставник во ООН во Њујорк, професорот д-р Љубомир Фрчкоски, вчера информираше дека поднел оставка. Тој вели дека оставката на каков било начин не би требало да се одрази на функционирање во техничка смисла на Мисијата, но дека може да влијае на реализацијата на проектот „Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“.
-Има, за жал, шанса да се направи голема штета и срам за државата во една конкретна смисла и по повод еден конкретен случај. Македонија го предложи овој проект во ООН кој беше прифатен. Проектот по наша иницијатива е прифатен и му е одреден буџет, што е многу ретко во ситуација на финансиска криза во ООН. Цел на проектот е да се создаде прирачник (Policy Paper), кој во наша чест како иницијатори на проектот би се нарекол Скопје (Охрид) Policy Paper (во зависност каде би се одржала Првата конференција за негово донесување), вели Фрчкоски во изјава за „Либертас“.
Од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потврдуваат дека е стигната писмената оставка од Љубомир Фрчкоски, кој ја извршуваше функцијата амбасадор и постојан претставник во Обединетите нации.
Потврдија и од МНР. Оттаму потсетуваат дека согласно член 45 од Законот за надворешни работи, мандатот на амбасадорот може да трае и пократко од 4 години, особено во случај доколку и самиот тоа го побара, како што е случајот со дадената оставка од страна на амбасадорот Фрчкоски.
-Во истиот член е наведено дека кога ќе биде исполнет условот од став 1 на наведениот член, претседателот го отповикува амбасадорот најдоцна во рок од 30 дена. Во насока на одговор на вашето прашање, поврзано со консултациите на кои беше повикан амбасадорот Фрчкоски од страна на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, укажуваме дека истите не беа остварени како резултат на дадено образложение од амбасадорот дека не е во состојба да присуствува на истите заради здравствени причини. Согласно, погоре наведеното надлежните институции во наредниот законски определен период ќе ги преземат сите потребни чекори за целосно заокружување на постапката поврзана со статусот на споменатиот амбасадор, одговорија од МНР за весникот ВЕЧЕР.
Неодамна, во интервју за весникот ВЕЧЕР, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, рече дека Фрчкоски не е дојден на консултации, затоа што заминал на боледување.
-Тоа е законска можност. Секако, не можам да му го спорам тоа право, како и на секој човек, му посакувам добро здравје од таа гледна точка. Но, во делот на професионалниот ангажман, имаме сериозни грижи и индиции за злоупотреби, за кои веќе е започната процедура во рамките на Министерството. Секако, тој ќе има можност да ги претстави и своите аргументи. Ние не можеме еднострано да ги гледаме работите, ќе му дадеме можност да ги претстави аргументите. Но, јас имав увид во многу од работите поврзани со неговата активност. Прво, мојот општ впечаток поврзано со неговата дипломатска активност е дека нивото е далеку од задоволително, но уште позагрижувачки се конкретните информации што беа поврзани со финансиското работење, рече шефот на дипломатијата Муцунски во интервјуто за весникот ВЕЧЕР на крајот на минатиот месец.
Неодамна Муцунски во телевизиско интервју уште еднаш потврди дека Фрчкоски бил повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но оти до разговорот се уште не дошло поради здравствени причини на амбасадорот.
Поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи, на амбасадорската позиција во Њујорк беше назначен во 2022 година. Указот за неговото назначување го потпиша тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски.
Фрчкоски не беше единствениот што беше повикан во Скопје на консултации. На разговори беа и амбасадорите во Тирана, Рим, и Букурешт Данчо Марковски, Весел Мемеди и Андреј Жерновски. Тема со Марковски беа резултатите од пописот во Албанија кој покажа дека бугарската пропаганда во македонската заедница е ефикасна, Мемеди зашто самоиницијативно ги информирал италијанските власти дека пасошите со старото уставно име веќе не важат, а Жерновски поради постоење сериозни индиции за формално-правниот аспект на неговото стапување на функцијата.
Досега, за Марковски е утврдено дека нема вина, додека за останатите тројца постапките се во тек.
(В.С.Н.)