Скопската градоначалничка Данела Арсовска и градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, „си објавија војна“, заканувајќи се кој ќе поднесе повеќе кривични пријави еден против друг.
Дудуш во моментов се соочува со над 40 кривични пријави од Град Скопје, од кои најголем дел се однесуваат на сериозна злоупотреба на буџетски средства, исплати на пари без соодветни постапки и распишан тендер, креирање на диви депонии, загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните. Додека Арсовска, како што најави Дудуш, ќе одговара за над 1.000 кривични пријави, кои, како што вели тој, ќе бидат лично пуштени од граѓаните кои плаќаат сметки редовно секој месец.
Од Град Скопје велат дека ќе го средат хаосот на Дудуш во Шуто Оризари настанат поради, како што нагласуваат „неговата неспособност и лукративни интереси, за да се спречи загрозувањето на здравјето на жителите од општината“, а ќе одат до крај за целосно расчистување на случајот за, како што го нарекуваат криминогениот трујач на скопјани да ја добие заслужената казна за делата кои се утврдени.
Притоа, објаснуваат дека Дудуш си поставил свои приватни контејнери на општинските улици, а на граѓаните им наплаќал за чистење на отпад на парагон-блокче, за што се располага со соодветни докази.
– Иако знаел дека е незаконски, отпадот го складирал на свој имот, односно приватна парцела во негова лична сопственост со која си склучил договор и ја дал под закуп на општината. Отпадот кој го собирал спротивно на закон и си наплаќал за истото, потоа наместо да го одложи во единствената акредитирана депонија „Дрисла” тој со него си направил приватна депонија. За ова веќе се утврдени соодветни противзаконски дела, составени се записници и поднесена е пријава – информираат од Град Скопје.
Оттаму наведуваат дека жителите на Шуто Оризари не се должни да го трпат теророт од како што нагласуваат криминогениот Курто. Воедно, апелираат до надлежните органи итно да ги преземат сите соодветни мерки за санкционирање на Дудуш, а Град Скопје стои на располагање за дополнителни појаснувања и достава на сите докази со кои располага за утврдениот екоцид во режија на Дудуш.
Градските власти велат дека Дудуш ќе одговара и за дополнителни седум кривични дела без разлика на драмите што се обидува да ги продаде во јавност.
Инспекторите на Град Скопје со асистенција на интервентна полиција, констатирале нови кривични дела на Курто Дудуш, при креирањето нова дива депонија, за што е поднесена нова кривична пријава, со која дополнително се бара одговорност за загадувањето со канцерогени материи, со што, како што потенцираат градските власти, Дудуш директно го загрозува здравјето на граѓаните на градот Скопје.
-Јавноста треба да знае дека Комунална хигиена редовно ги завршува своите активности во општина Шуто Оризари, а за она што е надлежност на градоначалникот Курто Дудуш и контејнерите кои сам ги поставува на територијата на општината друг не може да биде одговорен – децидни се од Град Скопје.
По повод изјавите на скопската градоначалничка и Град Скопје дека против Дудуш се поднесени 40 кривични пријави за разни злоупотреби и дека се пуштени дополнителни седум кривични пријави, тој се закани и ѝ порача на градоначалничката да внимава со какви спектакуларни бројки и изјави се појавува во јавноста, бидејќи како што кажа ќе одговара за навреда и нарушување на неговиот углед и честа, доколку не се извини.
-За моето седумгодишно работење како градоначалник, за мојата работа, немам ниту една кривична постапка. За дополнителните седум кривични пријави, поради одлагање на отпад на мојот приватен имот, фактура ќе добие лично таа, бидејќи со месеци и го покривам срамот и се обидувам нејзиното неработење да не влијае во креирање на слика дека нашата општина е препознатлива по депонии – смета Дудуш.
Напротив, тој додава дека во време кога Шуто Оризари интензивно се модернизира, се урбанизира и развива, најмалку што може да направи е нејзиниот срам да го тргне од улиците на општината и да го складира на приватно земјиште, свесен дека за тоа ќе трпи лична штета, поточно, уништување на неговиот приватен имот.
-Јас не сум ниту производител на ѓубре ниту пак имам материјална корист од прибирање на ѓубре. Отпадот кој со месеци тлее низ улиците на Шуто Оризари, без многу стручни анализи на лаборатории, јасно може да се види дека е комунален отпад, односно остатоци од храна и секојдневен отпад кои ги произведуваат домаќинствата – се брани Дудуш.
Тој истакна дека како резултат на инаетот кој и се јавил по организираниот протест, Арсовска дала јасни инструкции на ЈП Комунална хигиена – ниту една канта со ѓубре од Шуто Оризари нема да се собира, потенцирајќи дека за своето неработење, за своето инаетење пренесено во забрани за испорака на услуги на нејзините претпријатија, таа ќе одговара со над 1.000 кривични пријави, кои како што вели Дудуш ќе бидат лично пуштени од граѓаните кои плаќаат сметки редовно секој месец.
– Јас како градоначалник, како што сум доследен секогаш во испорачување на услугите кои се во моја надлежност, ќе бидам и поддржувач на граѓаните во барања за испорачување на сите услуги кои им следуваат од која било институција – заклучи Дудуш.
Вонредна акција за чистење и дезинфекција во Шуто Оризари
Градот Скопје организираше вонредна акција за чистење и дезинфекција на општина Шуто Оризари со цел спречување на ширење на зарази и загрозување на животната средина на жителите на општината предизвикани, како што велат од градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Од Град Скопје велат дека екоцидот кој во моментов се случува во општина Шуто Оризари е резултат на криминогеното и неодговорно однесување на градоначалникот, Курто Дудуш.
(А.П.)