Фрчат казните за сообраќајни прекршоци, но не запираат ниту сообраќајките со прегазени малолетници

БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ СЀ УШТЕ РИЗИЧНА

99

Зголемените и интензивните контроли по сообраќајниците од страна на полицијата не ги запреа сообраќајките во кои има повредени лица. МВР соопшти дека вчера бил повредено малолетно лице на еден од најфреквентните скопски булевари.

– Вчера во 15:10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од страна на 61-годишниот Р.Р.  од Скопје, удрило во 17-годишен пешак од селото Страчинци, Скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“– информира полицијата.

Од друга страна, полициските службеници вчера казниле 814 возачи поради непочитување на сообраќајните прописи. Зголемените контроли се прават по серија тешки сообраќајни незгоди во кои настрадаа и беа повредени повеќе лица.

-На подрачјата на сите осум сектори за внатрешни работи и во текот на вчерашниот ден полициските службеници продолжија со интензивните сообраќајни контроли при што беа издадени вкупно 814 платни налози. Најголемиот број изречени прекршоци 268 се однесуваат за непрописно паркирање, а 171 се однесуваат на непочитување на брзината на движење. Санкционирани се и 48 лица кои немале возачка дозвола… – велат од МВР.

Во рамки на контролите, во 16 случаи евидентирано е минување на црвено светло, потоа осуммина возачи управувале возило под дејство на алкохол, а прекршочни санкции им се изречени и на 27 пешаци, како и осуммина велосипедисти.

Завчера, пак, полицијата казнила 796 учесници во сообраќајот беа издадени платни налози, а од друга страна наплатени беа 500 платни налози. Дури 338 од овие прекршоци вчера се однесуваа на неправилното паркирање, а во 145 случаи стануваше збор за непочитување на пропишаната брзина на движење…

Статистиката на МВР покажува дека брзо возење, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, управување под дејство на алкохол се најчестите фактори за сообраќајни несреќи во Македонија. Тие во последните пет години одзеле 707 човечки животи, а 38.136 луѓе се здобиле со повреди. Во последните пет години 7637 сообраќајки се предизвикани поради брзо возење, додека за 4151 причината била првенство на минување, 1634 сообраќајки биле предизвикани поради движење во спротивна насока од дозволената, а алкохолот бил фактор за 1769 несреќи. Најголем дел од несреќите се случиле во главниот град каде што во последните пет години брзото возење било причина за 3.100 сообраќајни несреќи, а од 2019 до 2023 година алкохолот бил причина за 316 сообраќајки, додека поради непочитување на првенството на минување за истиот период се предизвикани 1.634 сообраќајни несреќи, во кои загинале 181 лице. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ