По својата извонредна изведба во балетот „Пакита“ на сцената на Опера Бастилја, на 28 декември 2024, Роксан Стојанов го доживува врвот во кариерата, бидејќи е прогласена за Ѕвезда на Париската опера, што е највисоко звање во хиерархијата на оваа опера. Прогласувањето за Ѕвезда на Париската опера е признание и доказ за нејзините извонредни уметничка сестраност и посветеност на танцовата уметност. Нејзината кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи ги улогите во класичниот балет како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи
Француско-македонската балерина, прогласена за Ѕвезда на Париската опера, Роксан Стојанов, е добитничка на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност, на 21. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје“ 2025.
„Благодарение на извонредниот талент и на уметничката визија, Роксан Стојанов се издига високо во балетската уметност, за што е промовирана во ѕвезда на Париската опера (Étoile de l’Opéra National de Paris), како една од извонредните балерини што блескаат на балетското ѕвездено небо. Како уметник, таа пишува историја во епицентарот на балетската уметност, исклучителниот балетски ансамбл на националната Опера во Париз, Франција, но и во својата втора татковина, С Македонија, каде што остава ѕвездена трага во балетската историја, за што интернационалниот фестивал ‘Танц фест Скопје’, на 21. издание, со огромна чест и задоволство ѝ ја доделува наградата ‘Менада’ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност“, пишува во одлуката на Бордот на фестивалот.

Наградата ќе ѝ биде врачена на Роксан Стојанов на сцената на Македонскиот народен театар, на 29 април, во 20:00 часот, кога ќе биде свеченото отворање на годинашниот „Танц фест“ 2025, со кој се одбележуваат 35 години од современата танцова сцена кај нас.
Роксан Стојанов е родена во 1995 година, во Франција, има француско-македонско потекло и ги направила своите први танцови чекори во Скопје, на осумгодишна возраст, кога престојувала тука со семејството. Балетското образование го продолжила во Брисел, во 2007 година ѝ се приклучила на Школата за танц на Париската опера, а во 2013 година станала дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција. Низ годините, нејзините талент и посветеност биле препознаени преку бројни признанија; во периодот од 2015 до 2022 година, таа напредувала во хиерархијата на Операта и во 2022 година станала првенка на балетот. На 28 декември 2024 година, го доживеала врвот во кариерата, кога по извонредната изведба во балетот „Пакита“ на сцената на Опера Бастилја, била прогласена за ѕвезда на Париската опера, што е највисокото звање во хиерархијата на оваа опера. Прогласувањето за ѕвезда на Париската опера е признание и доказ за нејзините извонредни уметничка сестраност и посветеност на танцовата уметност. Нејзината кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи ги улогите во класичниот балет како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи.