Француски хирург 25 години силувал деца и водел дневник во кој пишувал дека е педофил и се гордее со тоа

92

Секоја година на својот роденден хирургот Жоел Ле Скуарнек во својот дневник прво запишувал колку години полни, а потоа додавал „Јас сум педофил и се гордеам со тоа“. Тој бил почитуван медицински експерт, хирург кој се грижел за илјадници пациенти. Но, никој не ја знаел неговата тајна запишана во дневникот – дека злоставува деца.

Французинот Ле Скуарнек, кој сега има 74 години е фатен 2017 година, по истрага во која биле вклучени повеќе полициски сили, па дури и ФБИ. По децении злоупотребување мали пациенти без никакви последици, злосторствата на ценетиот хирург излегоа на виделина кога неговата шестгодишна сосетка ѝ рекла на мајка си дека сексуално била злоупотребена додека си играла во градината на неговата куќа, во градот Јонзак, југозападна Франција. Кога полицијата влегла во домот на Ле Скуарнек, пронашла 300.000 фотографии и видеа од деца (некои печатени, некои на компјутери), 70 детски кукли, од кои некои биле оковани, перики и стотици тетратки и дневници со детали за злоставувањата што ги вршел.

Сега му се суди со обвинение за серија сексуални злосторства врз 299 наводни жртви, од кои речиси сите биле негови пациенти, повеќето деца. Тој е обвинет, вкупно за 300 одделни кривични дела, од кои 111 силувања и 189  сексуални напади, кои се случиле во текот на 25 години во повеќе од десетина болници. Просечната возраст на неговите наводни жртви била само 11 години, а речиси ист бил бројот на момчиња и девојчиња.  Како што пишува „Скај њуз“,  Ле Скуарнек е најголемиот насилник врз деца кој некогаш бил уапсен во Франција, а можеби и во цела Европа.

Некои од жртвите не ни знаеле дека се злоставувани, а откриле откако ги посетила полиција по увидот во дневниците. Така, Французинка која сега е во доцните триесетти години, според напишаното во дневникот, ја злоставувал додека била под анестезија при операција на слепо црево. Таа вели дека дури сега ѝ е јасно зошто има проблеми со интимните односи. На истиот начин дека било злоставувано кога имало 10 години дознало и едно момче, кое неколку години по сознанието, на 24-годишна возраст, си го одзел животот.

Но, индиции дека хирургот е педофил имало уште во 2004 година, кога како дел од глобална истрага за педофилски мрежи, ФБИ нашол докази дека споделувал и преземал слики од детска порнографија преку веб-страница со седиште во САД. Тогаш бил осуден на четири месеци условно. Никој не презел ништо кога негов колега психијатар и синдикатот на здравствените работници алармирале дека тој сè уште работи со деца.

Сега, кога е откриен, Ле Скуарнек не негира пред судот дека малтретирал многу од децата за кои пишувал во дневниците. Своите наводи за време на судењето ќе ги изнесат 299 негови наводни жртви, но се мисли дека ги има повеќе бидејќи исчезнале дневници од најмалку две години.

Според француските медиуми случајот против поранешниот хирург вклучува толку многу жртви што нема доволно голема судница, па ќе биде отворен анекс за сместување на стотиците жртви, адвокати, членови на семејства, новинари и  јавноста, кои ќе ги следат постапките во следните четири месеци.

 

ИЗДВОЕНИ