Жулиет Бинош ќе претседава со главното меѓународно жири на годинашниот 78. Кански филмски фестивал што ќе се одржи од 13 до 24 мај. Француската актерка ќе ја наследи американската актерка и режисерка Грета Гервиг која лани беше претседателка на жирито во Кан. Со ова Бинош станува втората жена во историјата на фестивалот која го води жирито две последователни години.
Бинош за нејзината улога како претседател на жирито во Кан рече дека „со нетрпение очекува да ги сподели овие животни искуства со членовите на жирито и со јавноста“.
„Во 1985 година за прв пат се искачив по скалите со ентузијазам и несигурност на една млада актерка; Никогаш не замислував дека 40 години подоцна ќе се вратам со почесната улога на претседател на жирито“, изјави таа, додавајќи дека ја цени привилегијата и одговорноста.
Бинош е една од најпознатите актерки во Франција и има богата меѓународна кариера, работејќи со еминентни режисери и актери ширум светот. Нејзината работа е наградена со десетици признанија, вклучително и статуетка за најдобра споредна женска улога на Оскарите за нејзината улога во „Англискиот пациент“ (The English Patient) на Ентони Мингела од 1996 и најдобра актерка на Канскиот филмски фестивал за нејзината улога во „Заверена копија“ (Certified Copy) на Абас Кијаростами од 2010 година.
Нејзината кариера, која се протега преку 40 години и вклучува 70 филмови, започна кога ја доби својата прва главна улога во „Rendez-vous“ на Андре Тесин. Филмот беше премиерно прикажан во Кан во 1985, поради што Бинош често велеше дека е „родена на Канскиот филмски фестивал“. Таа е позната и по филмовите „Чоколадо“ (Chocolat) од 2000 каде игра со Џони Деп, „Коњаник на покривот“ (The Horseman on the Roof) од 1995 со Оливие Мартинез, „Неподносливата леснотија на битието“ (The Unbearable Lightness of Being) од 1988 со Даниел Деј Луис, потоа „Три бои: сино“ (Three Colors: Blue) од 1993, „Штета“ (Damage) од 1992 со Џереми Ајронс, како и „Дух во школка“ (Ghost in the Shell) од 2017.