Француски полковник во живо обелодени две потенцијални сценарија во случај на распределба на француска војска во Украина/ВИДЕО

12192
Printscreen/Youtube

Француската армија би можела да избере едно од двете сценарија во случај да биде распоредена во Украина, сметаат соговорниците на францускиот ТВ канал LCI.

Првото сценарио би било распоредување на војници долж рекaта Днепар. Како што истакна францускиот полковник Винсент Арбаретје, реката ја дели Украина на два историски дела, посочувајќи дека оваа водена бариера има големо стратешко значење, бидејќи овозможува набљудување на движењето на спротивставените трупи и е погодна позиција за водење одбрана, известува „РИА Новости“.

Друго сценарио би вклучувало распоредување на француски војници долж границата на Украина со Белорусија.

Според Арбаретје, целта не е да се формира непрекината линија, туку да се распоредат засебни единици способни за брз одговор.

– Ова нема да биде провокација. Ова ќе ни овозможи да ја принудиме Русија на преговори, пристапувајќи од позиција на еднаквост, велејќи: „Ние сме нуклеарна сила, нашите војници можат да бидат распоредени многу брзо, особено за да го заштитат Киев“, рече тој.

Како што додаде, предноста на Франција во однос на Германија е тоа што претседателот има овластување да нареди распоредување на армијата без одобрение на парламентот, додека германскиот канцелар би морал да бара согласност од Бундестагот.

Отворената дискусија за опциите за распоредување војници во Украина на јавната телевизија дојде еден ден пред директорот на руската служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, да изјави дека Франција веќе подготвува контингент војници за испраќање во конфликтот.

Во последно време се почесто се зборува за можноста за испраќање војници на НАТО во Украина, откако Емануел Макрон ја шокираше јавноста (но и дел од своите сојузници во НАТО кои ја отфрлија идејата, вклучително и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг) со повторени изјави дека оваа опција не смее да се отфрли.

Во интервју за „Монд“, началникот на Генералштабот на француската армија, генерал Пјер Шил, изјави дека Франција е подготвена да се соочи со секое сценарио на меѓународно ниво и е подготвена на „најтешките ангажмани“ за да се заштити.

Поранешниот американски пратеник во Алијансата, Иво Дадлер, неодамна во авторска статија за „Политико“ напиша дека Франција предложила распоредување на војници на НАТО во Украина уште пред претседателот Емануел Макрон да излезе во јавноста со такви коментари, но дека предлогот бил одбиен од секој сојузник“.

Директорот на руската служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, денеска изјави дека Франција веќе подготвува контингент војници кои ќе бидат испратени во Украина, кој во почетната фаза ќе го сочинуваат околу 2.000 војници, но и дека Елисејската палата смета дека бројот на француски граѓани кои досега загинаа во руско-украинскиот конфликт го премина „психолошки значајниот праг“.

Француското Министерство за одбрана одговори со тврдење дека изјавите на Наришкин се „дезинформации“.

Овој месец францускиот неделник „Маријан“ пишуваше и за три доверливи извештаи во кои, меѓу другото, се наведува дека украинската армија не е во состојба да победи во конфликтот, дека војниците од западните земји се веќе присутни во Украина и дека Русија има голема предност во сите аспекти.

Одредени офицери на француската армија, во изјавите објавени во истиот извештај на францускиот неделник, оценија дека „испраќањето француски војници на украинскиот фронт едноставно не би било разумно“.

– Да не се лажеме, во споредба со руската армија, ние сме армија на мажоретки – ги цитира „Маријан“ француските офицери.