Француските власти спречиле три терористички напади на Олимписките и на Параолимписките игри во Париз и во ругите градови домаќини, изјави обвинителот за антитероризам на земјата, Оливие Кристен.
Кристен откри дека еден од нападите бил насочен кон „израелските институции или израелските претставници во Париз“, додавајќи дека израелските спортисти не биле директна цел на напад.
Вкупно пет лица, меѓу кои и малолетник, се приведени поради сомнение дека се вмешани во три спречени заговори. Осомничените се соочуваат со обвиненија поврзани со тероризам и сè уште се во истражен притвор додека не биде целосно затворена истрагата.
Во интервју за „Франчеинфо“, Кристен откри дека во мај било приведено 18-годишен момче од Чеченија, под сомнение дека стои зад планот за напад на олимписките фудбалски натпреварувања што се одржуваа во „Сент Етјен“.
Франција ангажираше околу 18.000 француски војници и околу 35.000 полицајци во текот на ОИ и на ПОИ.
Ја зајакна својата воздушна одбрана, распоредувајќи борбени авиони, нападни хеликоптери, авиони за надзор, воени и полициски беспилотни летала за следење на небото над Париз и над Марсеј.
Превентивните мерки вклучуваа зголемени претреси на куќи и куќни апсења пред почетокот на ОИ, рече обвинителот, додавајќи дека полицијата и другиот безбедносен персонал досега извршиле 936 претреси на куќи во 2024 година, наспроти 153 минатата година.
Француските воздушни сили летаа повеќе од 750 часа во 350 мисии што резултираа со 90 пресретнувања, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Повеќето од пресретнатите биле цивилни дронови, додавајќи дека биле уапсени 85 оператори на дронови. Тоа биле, главно, туристи, кои не биле запознаени со прописите што важеле во текот на Олимписките и на Параолимписките игри, се наведува во соопштението.