За време на велигденскиот викенд (од 18 до 21 април) ќе се случел колапс на македонскиот електросистем поради вишок на струја и од МЕПСО било побарано да не ја прима електричната енергија која доаѓа од фотоволтаиците. На тој начин е избегнато шпанско-португалското сценарио кога на Пиринејскиот Полуостров имаше прекини во снабдувањето со електрична енергија. Директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, вели дека проблемот настанал поради големото производство на електрична енергија од фотоволтаичните централи, а вишокот струја немало каде да се продаде. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, истакнува дека Европа, но вклучувајќи ја и Македонија во иднина ќе биде соочена со предизвици во водењето на системите

За време на велигденскиот викенд (од 18 до 21 април) ќе се случел колапс на македонскиот електросистем поради вишок струја и од МЕПСО било побарано да не ја прима електричната енергија која доаѓа од фотоволтаици. На тој начин е избегнато шпанско-португалското сценарио кога на Пиринејскиот Полуостров имаше прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, вели дека проблемот настанал поради големото производство на електрична енергија од фотоволтаичните централи, а вишокот струја немало каде да се продаде. Според него, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дала одобрение за исклучувањето, а компаниите, производители на струја, кои се оштетени со оваа мерка нема да добијат обесштетување.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, објаснува дека за Велигден, во Европа, координирано сите преносни систем-оператори презедоа соодветни мерки, нешто што и Македонија го направи и се очекува да продолжи и во наредниот период.

– Од МЕПСО е побарано таа мерка што важеше за Велигден во наредниот период да се прошири и за првомајскиот празник и да трае и во летниот период некаде до крајот на октомври. Сите механизми што се на располагање ќе бидат преземени и ќе видиме. Значи, сето ова што се случува е ново и од технички аспект, но верувам дека во овој период ќе има инвестиции и во батериски системи кои делумно ќе го намалат ризикот од испади на системи, во спротивно цела Европа ќе биде постојано под ваква закана поради тоа што се влезе во целосно зелено сценарио. Нуклеарни електрани голем број се затворени во Европа. Исто така и термоелектрани се затворени во Европа и сега знаете, велиме термоелектраните да се затворат, само на обновливи извори, но предизвиците во водењето на системите ќе бидат и те како присутни во наредниот период – објасни Бислимоски.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, посочи дека ова е првпат да се исклучи системот. Таа посочи дека од 2003 година немало ваков „блек аут“ во Европа, кога беа погодени 56 милиони жители, а овој пат, сите биле изненадени  со Португалија и Шпанија и делови од Франција.

– Има многу шпекулации за која е причината, сè уште ги немаат точните податоци. За ова разговаравме и на неформалната министерска вечера на маргините на Самитот. Ова само говори колку е важна стабилноста. Тие имаат многу електрична енергија од обновливи извори. Нивната социјална влада ги исклучи во Шпанија нуклеарките и сега има многу коментари во врска со тоа, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите – коментира министерката.

Бислимоски истакнува дека Европа, но вклучувајќи ја и Македонија ќе биде соочена со предизвици во водењето на системите.

– Мерки што стојат на располагање ќе бидат преземени, како што се преземаа и за велигденските празници, и во тие периоди кога се исклучувале фотоволтаиците во Македонија, цената на електричната енергија беше во најголем дел од периодот блиску до нула, а во некои часови дури и негативна. Така да реално и тие што произведувале, кога би продавале би продавале по цени блиски на нула и верувам дека и сопствениците на фотоволтаичните електрани ги поддржуваат овие мерки затоа што би претрпеле поголема штета ако се случи распад на системите во која било земја – истакна Бислимоски.

 

ИЗДВОЕНИ