Ова е сликата која сабајлево, околу 9 часот, ја затекнавме на булеварот „Св. Климент Охридски“. Неколку возила беа непрописно паркирани на пешачкиот премин и на велосипедската патека, но оваа слика е вообичаена не само за овој булевар, туку и за целиот град.
„Пајак“ службата на ЈП Паркинзи на Општина Центар има полни раце работа. Секоја недела „пајакот“ лови над стотина непрописно паркирани возила, но тоа како да не ги загрижува возачите кои и натаму продолжуваат да прават прекршоци.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски деновиве објави фрапантни бројки. За само пет дена, од 5.444 контролирани возачи во Скопје, дури 2.592 направиле некаков прекршок. Тоа според министерот значи дека речиси секој втор кој бил запрен, сторил некаков прекршок. Како што појасни дека 195 прекршоци се за немање на возачка дозвола, а вкупно 19 алкохолизирани возачи возеле моторно возило.
ЈП Паркинзи на Општина Центар во текот на мината недела казни 155 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот или од почетокот на годинава изречени се прекршоци на 556 непрописно паркирани возила.
(С.Би.)