EPA-EFE/FEDERICO ANFITTI

За многумина, Диего Армандо Марадона е најдобриот играч на сите времиња, кој ги покажа бурниот темперамент и големото срце во многу ситуации. Иако често им го правеше животот пекол на најблиските и често беше недофатлив за пријателите и за пошироката околина, сепак, имаше ситуации во кои неговата хуманост ја менуваше судбината на луѓето. Еден од тие примери е кога, во значителна мера, ја одреди судбината на Уругваецот Диего Форлан (45), ѕвездата на репрезентацијата на неговата земја и на Манчестер јунајтед.

Приказната за двајцата Диеговци започнала една страшна ноќ, на 14 септември 1991 година, кога сестрата на Форлан, Алехандра, била тешко повредена во сообраќајна несреќа. Таа останала хендикепирана по таа несреќа, а нејзиното момче загинало. Целото семејство се борело за нејзините здравје и живот и во тоа време, Диего, на 11 години, не ни помислувал да направи фудбалска кариера, иако тренирал во Пењарол. Тогаш повеќе му бил посветен на тенисот, со кој активно се занимавал и во своите поодминати години.

  • До својата 15. година, играв и тенис и фудбал. Потоа решив да играм фудбал. Во 1997 година, Марадона дојде да играме заедно, беше убаво од него. По тоа, не одржувавме контакти – изјави Форлан во едно интервју.

Кога слушнал за таа несреќа, Диего Марадона организирал акција за финансиска помош на сестрата на Форлан. Инспириран од тој гест на Аргентинецот, Форлан решил да стане професионален фудбалер за да може да ѝ помогне на својата сестра. Следните три години го носеше дресот на Данубио, а во 1994 година се пресели во Индепендиенте, од каде што, во 2002 година, го направи трансферот на животот, преселувајќи се во Манчестер јунајтед.

Кариерата потоа го одведе во Виљареал, Атлетико Мадрид, Интер, Осака…, сè до Хонг Конг, каде што, во 2018 година, реши да ѝ стави крај на кариерата. Покрај успешната клупска кариера, беше редовен стартер за селекцијата на Уругвај, со која играше во полуфиналето на Светското првенство во Јужна Африка, во 2010 година и беше најдобар стрелец на тој турнир.

Инаку, Марадона неслучајно дознал за судбината на сестрата на Форлан. Имено, таткото и дедото на Уругваецот биле фудбалски потковани. Неговиот татко играл со Марадона, а неговиот дедо, Хуан Карлос, бил селектор на Уругвај на Светското првенство во 1962 година. Најмладиот, Форлан, продолжи по нивните стапки и ги надмина кога е зелениот терен во прашање.