Неколку минати раководства на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во последните 6 години работеле криминално и направиле бројни финансиски злоупотреби и криминали, за кои се поднесени и се поднесуваат кривични пријави, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во телевизиско интервју. Според него, раководителите на фондот давале пари за непостоечки иновации и направени се штети од неколку милиони евра.
– Оваа недела ќе има и нови кривични пријави, за различни проекти кои што никогаш не се реализирале, а биле исплаќани. Фондот за иновации го изгуби кредибилитетот кај граѓаните и ние ако отвориме нова програма утре во Фондот за иновации, луѓето ќе речат вие сте исти како претходните. Како што претходните делеа пари за хулахопки, за пица рецепти, за небинарен тоалет, така и вие сега ќе правите за некои нови. Тоа не можеме да го дозволиме – потенцира Андоновски.
Министерот додаде дека планот е постапно Фондот да се затвори, а надлежностите да ги преземат Министерството за дигитална трансформација, МОН и други соодветни институции.
– Идејата е Фондот да се затвори и тоа ќе се случи во текот на 2025 година, а надлежностите во поглед на технолошкиот развој, иновациите да ги преземат институциите кои што се соодветни на тоа, во поглед на технолошкиот развој, дигиталните иновации тоа е нашето министерство, во научните проекти и иновации министерството за образование. Планот за тоа ќе биде постапен – појасни Андоновски.
Андоновски испрати и поттикнувачка порака до моменталното раководство на ФИТР, да работи уште понапорно на ревизијата како би се открило сè што се случувало внатре.
– Кога ќе го исчистиме процесот од овој неквалитет и криминал што му се случува на ФИТР, ќе имаме отворено поле да дискутираме која е следната патека. Според мене тоа се Европските Дигитални Иновациски Хабови (ЕДИХ) како иновативен начин да одиме напред, за кој што обезбедивме еден милион евра кофинансирање, за проекти кои ќе финансираат дигитализација на малите и средните претпријатија. И тоа е вистинска инекција за бизнисот – вели Андоновски.