Уставните измени остануваат услов за почеток на преговорите по кластери, но неодбивањето на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, на нашиот предлог значи дека се создава простор за потенцијално решение, истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани, на брифингот со новинари, на кој го претстави планот за спроведување на реформската агенда за земјава, која беше и официјално одобрена од страна на ЕК.
-Условот за уставни измени стои, промената се однесува на неодбивањето на претседателката на ЕК на нашиот предлог без притоа да се конкретизира предлогот, меѓутоа неодбивањето значи дека се создава простор кој нас би можел да нè води до потенцијално решение. Новината од посетата е тоа и мислам дека веќе е конкретизирано дека таков простор постои и ќе се интензивира следната недела откако ќе завршат изборите во Бугарија, истакна Муртезани.
Тој посочи дека на средбите со претседателката на ЕК во Скопје се разговарало за две важни теми, уставните измени и Коридорот 8 и напомена дека настојувањето на македонската Влада било да не се дозволи натамошна билатерализација на процесот.
– Што се однесува до гаранциите нашето настојување, за кое веќе се има слух во Брисел и меѓу нашите партнери, е да не се дозволи натамошна билатерализација на процесот по уставните измени. Сите сме сведоци дека подготвеност за носење на уставните измени во Владата постои, меѓутоа ние сакаме да го обезбедиме процесот и откако ќе се отвори процесот да не трае вечно, бидејќи сметаме дека би биле крајно неодговорни ако мислиме дека постои таков ризик, мислам дека така само би направиле штета, рече Муртезани.
Муртезани рече дека предлогот на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи за уставните измени – усвојување на уставните измени сега, а ако во наредните пет години Бугарија продолжува да ја спречува земјава за работи кои немаат врска со ЕУ, Парламентот да има за право да ги суспендира уставните измени, е правно неиздржан.
-Гледам дека опозицијата, односно конечно Бујар, откако замина во опозиција почна да станува креативен, добро е што стана креативен, нека нудат уште покреативно решение, меѓутоа нивното 22-годишно владеење не беше проследено со креативни решенија. Јас не сум правник или уставен експерт, ама на една владина седница, на која тоа беше разгледано, мислам дека уставни експерти јасно кажаа дека таков механизам не може да се воспостави, што значи дека тоа е правно невозможно, истакна Муртезани.
Во однос на одвојувањето на Македонија и Албанија, Муртезани вели дека и ние имаме причина за ентузијазам, бидејќи со Планот за раст на Западен Балкан, ЕУ ни дава 750 милиони евра со крајно поволни услови за три години.
-Мислам дека ова е причина за ентузијазам, не треба да гледаме само нема уставни измени, ние сме блокирани и да бидеме во депресија. Уставните измени не се пречка за Реформската агенда, дури и ние ако сме супер успешни, тогаш ќе и правиме дополнителен притисок на Бугарија, бидејќи ние ќе бидеме супер подготвени, а Бугарија нè кочи нерационално, изјави Муртезани.
Министерот зборуваше и за очекувањата од новата бугарска влада. Тој вели дека од наша страна е изразена конкретна волја за воспоставување дијалог, но во моментов немаме никаква комуникација со Бугарија, со која сме потпишале Договор за пријателство и добрососедство.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Македонија во четвртокот порача дека ЕУ има јасна цел, а тоа е што е можно поскоро да се отвори кластерот фундаментални вредности во пристапните преговори на Македонија во Унијата, но за тоа е потребно да поминат уставните измени на кои земјава се обврзала. Фон дер Лајен побара политичките сили во земјава да се здружат и да „ги преземат потребните одлучни чекори за напредок“. Премиерот Мицкоски, пак, ѝ порача на претседателката на ЕК дека Македонија очекува Унијата да ни помогне како да ги продолжиме евроинтеграциите „уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои почива самата ЕУ“. Ниту Фон дер Лајен ниту Мицкоски не открија дали идејата за уставни измени со одложено дејство е прифатливо за Брисел.
Поранешниот шеф на дипломатијата, Бујар Османни, во телевизиско гостување порача дека уставните измени треба да се прифатат што поскоро бидејќи останувањето во место само ни ги ослабува позициите на евроинтегративниот пат. Османи вели дека процесот мора да се одржи жив и уставните измени се потребни за отпочнување на преговорите и отворање на кластерот фундаменти. Екс шефот на дипломатијата го повтори ставот за уставни измени со суспензивна калузула. Според него, идејата за одложено дејство била предлог во преговорите со Бугарија, но во разговорите приоритет бил ставен на македонскиот јазик.
-За нас беше важно да се заклучат прашања кои се стожерот на нашите позиции како држава, тенденциите од Бугарија не беа во наш прилог. Бугарите во Македонија се наши сограѓани, не се бугарски државјани, а успехот на нашата дипломатија беше Софија да каже „не ни поминуваат прашањата за историја и идентитет – дајте барем да се внесат Бугарите во уставот“. Не се обидувам да релативизирам за лошите барања што ги има Бугарија, стоењето во место ни ги ослабува позициите, изјави Османи во емисијата Само интервју на Канал 5 телевизија.
Муртезани ќе им дели црвен, жолт или зелен картон на своите колеги
Министерот за европски прашања ќе дели црвен, жолт или зелен картон на секој од своите колеги, а каква боја ќе добиваат, ќе зависи дали доцнат, имаат проблеми или ги спроведуваат реформите утврдени со реформската агенда.
Реформската агенда е дел од Планот за раст на Западен Балкан, што го подготви Европската комисија. Секоја земја имаше задача да подготви план за реформи до 2027 година, кои доколку ги спроведе за возврат од Брисел, етапно ќе добива пари – дел во форма на заеми, дел како грантови. За целиот регион предвидени се шест милијарди евра, од кои Македонија ќе добие околу 750,4 милиони евра, а до крајот на годинава очекува да добие авансна исплата од 52,5 милиони евра.
Дел од планирате проекти, за Муртезани се само „листа на желби“, а за да станат реални проекти мора да „созреат“ од аспект на документација, стратегија итн., а според него во дел од институциите има слаб капацитет.
Инаку, реформите се поделени во пет групи: управување со јавните финансии и реформи на јавната администрација, зелена енергија, дигитализација, деловно опкружување и владеење на правото. Најмногу од 750-те милиони евра, 25 отсто, се условени со реформи во областа на деловното опкружување. За исплаќање на парите, посочи Муртезани, услов не се уставните измени со кои треба бугарската заедница да се вметне во Преамбулата од Уставот.
(В.С.Н.)