„Фолк-фест Валандово 2025“ со нови мегахитови

64

Во Градот на калинките, кон крајот на мај!                                                                  И оваа расцутена пролет, а во пресрет на жешкото лето, малото македонско гратче Валандово, најпознато по калинките, по 38. пат ќе биде љубезен домаќин на музичкиот фестивал на новосоздадени песни „Фолк-фест Валандово 2025“. Новите композиции се веќе одбрани. И сите, поради заштита на авторските права, сè уште се под шифри. Тоа кажува дека се примени само според музичкиот квалитет и певливоста, како и оние од претходните години: „Бисер балкански“, „Стариот џумбушлија“, „Во црно вино утеха нема“, „Дојди ми, Лено, на перниче бело“, „Има ли песна“, „Лихнида кајче веслаше“, „Ако згрешам, нека изгорам“… Пред нас од медиумите, всушност, е комплетната листа со песни што ќе бидат премиерно испеани на 25 мај, во добро познатиот фестивалски простор на Домот на културата и во директниот ТВ-пренос на Македонската телевизија.

Низ програмата и овој мај ќе нè водат, традиционално, одличниот двоец Ирена Спировска – Ѓорѓи Калајџиев. Програмата воедно ќе биде и натпреварувачка. Ќе се доделат парични награди, по избор на публиката и на стручното жири. Инаку, од Општина Валандово информираат дека пред финалната вечер ќе има две предфестивалски вечери со звучни пејачки имиња од поранешна Југославија и од Македонија. Но, сега-засега, имињата не се откриваат. Затоа што сè уште ништо не е конечно дефинирано. Договорите и преговорите се во тек. Останува да се стрпиме и да ја причекаме првата фестивалска прес-конференција, која ќе се случи идниот месец, најверојатно во самото Валандово, како и претходните години, пред голем број акредитирани новинари, а на која, вообичаено ќе биде поканет и весникот ВЕЧЕР. Не се сомневаме ниту во песните ниту во имињата на пејачите, а најмалку во професионалниот однос на организаторот кон новинарите. Општина Валандово секоја година максимално се труди и успева во тоа да го задржи професионалното ниво.    (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ