Ансу Фати пред неколку години важеше за наследник на Лионел Меси, го доби дресот со број 10 и се очекуваше да има одлична кариера.
Сепак, сега е јасно дека тешките повреди му ја уништија кариерата и веќе на 22 години е отпишан од Барса. На поранешниот репрезентативец на Шпанија му беше предложено да си замине и да најде место за игра бидејќи нема да има простор се додека Хасни Флик е шеф на стручниот штаб.
„Клубот, стручниот штаб и добар број луѓе од неговата околина очекуваат Ансу да го напушти клубот. Ханси Флик не смета на него“, пренесува Спорт и додава:
“Клубот врши притисок врз Фати да замине на позајмица овој месец. Сепак, Ансу и потесното семејство сакаат да останат, иако тој нема да игра”.
Тоа е неверојатна одлука на еден млад фудбалер кој моментално нема квалитет да настапи во дресот на каталонскиот гигант, а тоа му е јасно и на тренерот Флик.
„По повредите, Ансу Фати не може да покаже се што знае и тоа е многу тажно. Бев убеден дека ќе биде на највисоко можно ниво. Секогаш сум искрен со играчите, ќе мора да работи како и сите други “, изјави Флик.
Ерата на Ансу Фати во Барселона очигледно е завршена, а тој ќе остане запаметен како најмладиот стрелец во историјата на клубот (16 години и 304 дена) и вториот најмлад дебитант во историјата.
За жал, неговата кариера удри во ѕид по повредите кои го снајдоа. Се започна на 7 ноември 2020 година, кога на мечот со Реал Бетис заработи тешка повреда. Фати девет месеци се опоравуваше од повредата, се врати на теренот, но следеа нови повреди. Се обиде да ја спаси кариерата во Англија, но заминувањето во Брајтон не донесе никаков напредок и мораше да се врати во Барселона.
Дресот на каталонскиот гигант го носеше на 120 натпревари на кои постигна 29 гола и запиша девет асистенции.