Флерт или нешто друго? Светот убеден во „романтичната врска“ на Маск и италијанската премиерка Џорџа Мелони

179
EPA-EFE/FILIPPO ATTILI

Американскиот милијардер Илон Маск денеска негираше дека е во „романтична врска“ со италијанската премиерка Џорџа Мелони, откако тој ја нарече „убава“ на церемонијата на доделување награди во Њујорк во понеделникот.

“Бев таму со мајка ми. Нема никаква романтична врска со премиерката Мелони”, напиша Маск на платформата X под фотографијата на која тој и италијанската премиерка се гледаат за време на гала вечерата.

Маск на доделувањето изјави дека Мелони е „уште поубава внатре отколку надвор“, а италијанската премиерка одговори дека тој е „скапоцен гениј“, пренесе Политико.

Тој во понеделникот на Мелони и ја врачи наградата „Глобален граѓанин“ на Атлантскиот совет, кога исто така рече дека италијанската премиерка е автентична, чесна и внимателна.

Мелони потоа одржа говор во одбрана на западните вредности, на крајот Маск стана и аплаудираше.

Маск и Мелони се сретнаа неколку пати во последниве години и споделуваат загриженост за падот на наталитетот на Западот, како и интересот за употреба на вештачка интелигенција.

Американскиот бизнисмен имаше неколку патувања во Рим и ја пофали италијанската влада за нејзината остра политика кон имиграцијата.

Во последните месеци Маск јавно го поддржа поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп на претстојните избори.

Мелони денеска тврдеше дека изборот на Маск да ја најави додека ја прима наградата во понеделник е направен пред неколку месеци и не е поврзан со предизборната кампања во САД и поддршката на Маск за Трамп.