Владата и банките постигнаа конечен договор со банките за условите за користење на кредитната линија од унгарскиот заем од страна на приватни трговски друштва за финансирање инвестиции и развој. Од Владата посочуваат дека утврдена е историски најниска камата од 1,95% со исплата до 15 години со вклучен грејс период до 3 години и квартална отплата по завршување на грејс периодот.

Портпаролката на Владата, Марија Митева информираше дека условите што ги договорија Министерството за финансии со банките беа одобрени на владината седница на 26 ноември. Таа нагласи дека Владата го задолжи Министерството за финансии во соработка со Развојната банка да преземат активности околу операционализација на средствата од кредитната линија под горе наведените услови. Услов е крајниот корисник на средствата во вкупната вредност на инвестицијата да учество со минимум 20 проценти.

Дополнително, средствата од кредитната линија за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва ќе бидат наменети за финансирање на дејност производство и истите ќе можат да се користат за дефинирана намена. Парите можат да се искористат за инвестиции во опрема, како што се машини и останата опрема; – недвижности (погони, фабрики , деловни објекти за сопствена употреба); за купување на транспортни средства поврзани со производствениот процес; за изградба на обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија, како и да се потрошат за купување на нематеријални средства, како што се инвестиции во развојот и софтвери.

– Исплатата ќе биде извршена врз основа на доставени фактури од страна на крајниот корисник со цел обезбедување на соодветна контрола на искористувањето на средствата. Имајќи предвид дека бруто-домашниот производ е проектиран на 16 милијарди денари, станува збор за 5 проценти од бруто домашниот производ, средства коишто очекуваме да бидат инвестирани оваа и следната година. Тоа е алатка со која што ќе се бориме против евентуалната економска криза и со која ќе ја придвижиме економијата во целост – нагласи портпаролката Митева.