Фирми земале субвенции, а не плаќале закупнина и не го обработувале земјоделското земјиште, обелодени министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, кој истакна дека започнува со објавување на сите сомнителни случаи и афери од претходното раководството на Министерството.

Првиот случај што го објави е за правното лице АРЕКСПОРТ ДООЕЛ увоз – извоз од Струмица, МЗШВ дозволило ова правно лице да земе противправно дури околу 30 милиони денари за субвенции.

– За периодот од 2019 до 2022 година, Министерството има склучено со фирмата од Струмица вкупно 19 договори за вкупна површина од 1.416 хектари. Државниот инспекторат за земјоделство констатирал дека за 11 договори со површина од 941 хектар не се почитуваат одредбите од договорот, од страна на закупецот и требало да бидат раскинати. Притоа, врз основа на овие договори, закупецот од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој остварил приход по основ на субвенции од 485.000 евра – рече Трипуновски.

Дополнително, закупецот требало, преку бизнис- план што го понудил до Министерството, да инвестира над 2,45 милиони евра на предметното земјиште, а во моментот на контролата од Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека има инвестиција околу 300.000 евра.

Исто така, инспекторите констатирале дека закупецот нема платено закупнина за 2022 и за 2023 година, со што дополнително е направена штета на буџетот во износ од 60 000 евра.

– Постапено е спротивно на член 8 и 8-а од Законот за земјоделско земјиште и воопшто не е евидентирано земјоделското земјиште, кое не е обработувано врз основ на склучените договори и не се преземени никакви мерки за опомена, укажување или раскинување на договорите – посочи Трипуновски.

Пратеникот и поранашен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, ги демантира наводите на Трипуновски и вели дека истите се празни обвинувања и театар за граѓаните. Доколку, како што рече се утврди дека одреден субјект неправилно се стекнал со субвенции ги повикувам институциите да започнат постапка за поврат на исплатените средства и раскинување на договорот за закуп.