Град Скопје, деновиве покренал уште една кривична пријава, откако на депонијата во населба Визбегово инспекторите на лице место затекле камиони и тешка механизација како истураат токсичен смет и градежен отпад. Притоа, била повикана и полицијата да реагира да се санкционира тоа што било дозволувано со години и поминувало неказнето, а сопствениците да одговараат кривично со својот имот и со својата слобода. Од ОЈО велат дека јавните обвинителства во државата постапуваат по сите поднесени пријави кои се однесуваат на загрозување на животната средина и еколошки криминал. Но, не даваат конкретен одговор колку кривични пријави има за екоцид, а колку за дела кои се однесуваат на загрозување на животната средина. – Податоците од минатата година се сумираат во моментов, со цел подготовка на годишниот извештај за работата на јавните обвинителства – кусо одговорија од ОЈО. Според анализата на Центарот за правни истражувања и анализи, вкупно 1.807 кривични дела против животната средина и природата биле пријавени во изминативе десет години, односно на секои два дена се пријавува по едно кривично дело од овој вид. Во периодот 2021-2024 година, најголем дел од кривичните дела, дури 33%, се за незаконски риболов, 30% за мачење животни, 19% за узурпација на недвижности, 11% за пустошење шума и само 7% за загадување на животната средина
Иако, се поднесуваат кривични пријави против згадувањето на животната средина и за Екоцид, тие не се процесуираат и тешко се реализираат. На тоа реагираат и од Град Скопје.
Тие деновиве покренале уште една кривична пријава, како што велат против екоцидот кој го вршат поединци на грбот на здравјето на мнозинството, со цел да заработат загрозувајќи го животот и здравјето на македонските граѓани и уништувајќи ја животната средина. Имено, на депонијата во населба Визбегово инспекторите на Град Скопје на лице место затекле камиони и тешка механизација како истура токсичен смет и градежен отпад. Притоа била повикана и полицијата да реагира да се санкционира тоа кое што било дозволувано со години и поминувало неказнето, а сопствениците да одговараат кривично со својот имот и со својата слобода.
Од Град Скопје велат дека покрај Инспекторатот на Град Скопје, во градот има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните меѓу кои Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот градежен инспекторат, инспекциските служби на десетте скопски општини.
– Досега единствено градот Скопје секојдневно реагира, додека останатите не постапуваат, иако за истото имаат законска обврска – реагираат градските власти.
Тие додаваат дека една од постапките во кои МВР и Јавното обвинителство биле на висина на задачата и експедитивно постапиле за покренување кривична пријава за сторителите фатени на дело во извршување на екоцид во Ѓорче Петров. Најчест клиент на оваа дива депонија е токму општина, а сопственик на парцелата е лице вработено во општинската администрација во секторот за финансии на општина Ѓорче Петров. На оваа локација која е на само стотина метри од новата пречистителна станица што ја гради Општината Ѓорче Петров и во непосредна близина на реката Лепенец, се истурал опасен канцероген отпад во непосредна близина на реката, а дел завршувал и во самата река.
Освен тоа, од Град Скопје реагираат дека и по две години нема никаков одговор за кривичната постапка против цементарницата „Титан Усје“ согласно член 218, член 230 и член 234 од Кривичниот законик, за непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, со што се загадува воздух, почва, вода, во поголем обем и со што се предизвикува опасност за животот и здравјето на луѓето.
– Во цементарницата „Титан Усје“ при извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката беа забележани големи концентрации на штетни честици кои значително придонесуваат кон нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целокупното подрачје на градот Скопје. Измерени беа три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, на метар кубен секој час. Дополнително, за загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека се надминуваа граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажаа повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711,9 милиграми на метар кубен – наведуваат од Град Скопје, потенцирајќи дека граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении не трујат, обидувајќи се со „донации“ по општините, коруптивно однесување и најразличен вид на влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања.
Од ОЈО одговорија дека во однос на постапката по поднесена пријава против цементарницата „Титан УСЈЕ”, надлежниот јавен обвинител постапува за проверка на наводите, при што презема повеќе дејствија.
-Пред десетина дена до обвинителството е доставен одговор од Државниот инспекторат за животна средина во врска со поднесено барање, а се прибираат и вербални искази. По целосно испитување на настанот, ќе биде донесена јавно обвинителска одлука – велат од ОЈО.
Додаваат дека јавните обвинителства во државата постапуваат по сите поднесени пријави кои се однесуваат на загрозување на животната средина и еколошки криминал. Но, не даваат конкретен одговор колку кривични пријави има за екоцид, а колку за дела кои се однесуваат на загрозување на животната средина.
– Податоците од минатата година се сумираат во моментов, со цел подготовка на годишниот извештај за работата на јавните обвинителства – кусо одговорија од ОЈО.
На тоа зошто е потребен долг период кривичните пријави да се процесуираат од ОЈО потенцираат дека траењето на постапката во секој предмет поединечно се разликува и зависи од времето потребно да се приберат доказите за соодветна јавнообвинителска одлука.
Бојан Трпевски од Здружението на млади правници, пред околу два месеци во интервју за весникот ВЕЧЕР изјави дека секој граѓанин на Македонија има право да ја тужи државата поради нечиста животна средина, за што тие имаат иницирано и неколку судски постапки, при што тужбите биле отфрлани поради тоа што судот сметал дека нема надлежност да одлучува по тужба како што ја поставиле.
Тој вели дека како здружение се соочиле со предизвик при подготвување на тужбите да се обезбедат доволно докази и околности за да може судот да ја утврди врската помеѓу, на пример активност на некоја конкретна фирма или компанија, или непостапување на државен орган. Според него, главниот предизвик не е само поднесување на тужба, туку и ц лиот процес на подготвување и наоѓање на правниот основ и на поткрепување на сите наоди во тужбата со соодветни и доволно докази.
Според анализата на Центарот за правни истражувања и анализи, вкупно 1.807 кривични дела против животната средина и природата биле пријавени во изминативе десет години, односно на секои два дена се пријавува по едно кривично дело од овој вид. Во периодот 2021-2024 година, најголем дел од кривичните дела, дури 33%, се за незаконски риболов, 30 % за мачење животни, 19% за узурпација на недвижности, 11% за пустошење шума и само 7% за загадување на животната средина. Најмногу од пресудите на судовите за ваквите кривични дела биле со условна осуда (56%), изречени се парични казни во 33% од пресудите, казна затвор – 7% и судска опомена – 4%.
„Екоцидот“ како новото кривично дело е воведено со измените на Кривичниот закон кои стапија на сила на 15.03.2024 година. Имено, тој што спротивно на прописите, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор.
(А.П.)