Во навечерието на празникот Усекновение на чесниот претеча и крстител Јован, на вечерната богослужба, митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, го изврши свештениот чин со прием на тројца нови монаси во братството. Тоа се Јајка Силккола од Куопио, Финска, Деан Божинов од Радовиш и Оливер Марковски од Куманово, кои ги положија заветите за „доброволно послушание, нестекнување и целомудрие“.

Тројцата ги добија новите монашки имиња: Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј.

На овој свечен чин, како што соопшти Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, присуствуваа и многубројни верници, а имаше и гости од Романската православна црква – архимандритите Матеј и Херувим, како и отците Теона и Кирил од Црквата на Грција и јерејот Петар.

Ова македонско древно светилиште е основано во далечната 1020 година, од првиот охридски архиепископ, Јован Дебранин, и пред четири години го одбележа големиот јубилеј – 1 000 години од основањето.