Министерството за финансии има активна улога во подигнување на свеста за значењето на финансиската писменост. Заедно со Народната банка, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност, подготвија Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија 2021-2025 година со цел зајакнување на вештините на населението за управување со личните финансии и подобрување на способноста на граѓаните за донесување информирани одлуки во однос на финансиските производи и услуги.
Финансиската писменост и како познавањето на финансиите ја обликува иднината на младите беше тема на панел дискусијата на која учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, претседателката на Советот на експерти на АСО Ели Дракуловска, Дарко Саздов член на Советот на експерти на МАПАС и Кирил Јовановски професор на Економскиот факултет – Скопје и надворешен комисионер при КХВ.
Таа потенцира дека финансиската писменост игра голема улога во заштита на граѓаните, особено имајќи ги предвид современите технолошки процеси во финансискиот сектор.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска рече дека финансиската писменост ја намалува сиромаштијата за 2 до 3 процентни поени.
– Само финансиски едуцирани лица можат да носат издржани финансиски одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање од кои ќе зависи и нивната иднина. Има емпириски истражувања коишто покажуваат дека дури половината од доходовната нееднаквост помеѓу луѓето во светот произлегува од разликите во финансиската писменост. А доходовната нееднаквост во изминативе кризни години, по повеќе децении намалување, за жал се зголеми – рече гувернерката.
Според Светската банка, најсиромашните 40% од светското население изгубиле двојно повеќе доход од најбогатите 20%. Ова е највисокиот раст на нееднаквоста од 1990 година па наваму.
– Финансиската писменост се смета за силна алатка за поттикнување на растот и за намалување на сиромаштијата. Во услови на брзи дигитални трансформации и зголемена комплексност на финансиските услуги, мора и натаму да се вложува во знаењето. Ова е особено важно имајќи го предвид фактот дека според истражувањето на ОЕЦД, стапката на финансиска писменост (56% од максималната вредност) е слична со стапката во регионот, но значително пониска од стапката во ЕУ – истакна Ангеловска-Бежоска.