Како што дознаваме, се вршат низа претреси и разговори, поврзани со злоупотреби во Општата болница со проширена дејност во Прилеп.
Широка антикорупциска акција на Финансиската полиција и МВР е во тек, дознава весникот ВЕЧЕР. Според информациите, се вршат низа претреси и разговори, поврзани со злоупотреби во Општата болница со проширена дејност во Прилеп. Направени се претреси на повеќе места низ градот. Акцијата се реализира по налог на надлежните институции и е поврзана со сомневања за евентуални злоупотреби.
Информацијата ја потврдија и од Обвинителство.
– Основното јавно обвинителство Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а поврзано со финансиското работење на болницата. Обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција. По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази, велат од ОЈО.
Освен во самата прилепска болница, како што неофицијално дознаваме, претреси се вршат и во неколку приватни домови на лица за кои постои сомнение дека се поврзани со случајот.