Студија од 2021 година за која се вршени дневни мерења во тек на една година на две локации во Скопје – кај мониторинг станицата во Карпош и во Лисиче, покажа дека во зимските месеци на согорување на дрва и дрвна маса отпаѓа околу 50-60% од загадувањето на воздухот во Скопје, односно биомасата останува најзначаен извор на загадување во зимскиот период со учество од 36 до 57 отсто од вкупното загадување во Ново Лисиче и од 25 до 59 отсто во Карпош. За екологистите, погоре посочените бројки говорат дека решението е промена на системите за греење, што не е сложено и може брзо да се направи, но како реално изводлива и не многу скапа опција – да се постават филтри на оџаците, по примерот кој се најавува дека ќе се спроведе во српскиот главен град, Белград за субвенционирање на филтри за 150.000 мали ложишта
Скопје, главниот македонски град редовно е на топ-листата на градови со најзагаден воздух во светот. На оваа неславна позиција Скопје се наоѓа со децении наназад, што говори дека не е направено потребното да се елиминираат главните извори на загадувањето, иако декларативно надлежните говорат дека работите се подобруваат, но очигледно тоа се случува со брзина на полжав.
Студија од 2021 година, за која се вршени дневни мерења во тек на една година на две локации во Скопје – кај мониторинг станицата во Карпош и во Лисиче, покажа дека во зимските месеци на согорување на дрва и дрвна маса отпаѓа околу 50-60% од загадувањето на воздухот во Скопје, односно биомасата останува најзначаен извор на загадување во зимскиот период со учество од 36 до 57 отсто од вкупното загадување во Ново Лисиче и од 25 до 59 отсто во Карпош.
За екологистите, погоре посочените бројки говорат дека решението е промена на системите за греење, што не е сложено и може брзо да се направи, но како реално изводлива и не многу скапа опција – да се постават филтри на оџаците, по примерот кој се најавува дека ќе се спроведе во српскиот главен град, Белград за субвенционирање на филтри за 150.000 мали ложишта.
Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“ смета дека субвенционирањето на поставување филтри на оџаците може да биде добро решение против загадувањето. Според неа, филтер може да се постави внатре, а ако не може, тогаш надвор бидејќи работи механички. Такви филтри чинат околу 120 евра ако се купат индивидуално, но ако се вклучи во набавката локална самоуправа или пак, на централно ниво, цената драстично ќе падне.
Според неа, во скопските општини има околу 40 илјади домаќинства што се греат на дрва и доколку на нив се постават филтри, тоа градот Скопје би го чинело околу 2,5 милиони евра. Чакулев вели дека не мора веднаш да се субвенционираат сите домаќинства, туку за почеток оние најсиромашните, а другите делумно.
Од „02 Иницијатива“ поднесоа барање до Град Скопје домаќинствата што ќе останат да се греат на дрва, како и другите субјекти што ќе користат дрва за греење и/или како енергенс, а тоа се најчесто погони од дрвна индустрија, да мораат да постават филтри. Предлагаат оваа мерка да стапи на сила од 1 јануари 2027 година за правните субјекти и домаќинствата во урбаните делови на град Скопје, а од 1 јануари 2029 за домаќинствата во руралните делови на градот.
И покрај алармантната состојба со амбиенталниот воздух, најголемиот дел од јавни институции во Скопје, како основни средства за загревање користат мазутот и нафта. Според студијата на Финскиот метеоролошки институт, изработена во 2016 година за потребите на Министерството за животна средина и просторно планирање, греењето со мазут на јавните објекти и од индустриските емисии отпаѓа помеѓу 12% до 16% од загадувањето на амбиенталниот воздух во скопската котлина. Една од причините што овој фактор е високо на листата е што 52 проценти од училиштата во Скопје, или над 80 школи, се греат на нафта и мазут, а 48 проценти се на централно греење.
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ објави податок дека над 100 објекти, меѓу кои и големи јавни претпријатија и установи во Скопје користат мазут или нафта како енергенс за загревање. Според нивната евиденција, мазут користи ЈСП во своите две автобази, како и „МЖ- Транспорт“ и Клиниката за физикална медицина и рехабилитација. На нафта пак се греат огромен број училишта, градинки и болници, дури и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле користи ваков енергенс.
– Податоците за штетноста на овие горива се одамна добро познати, но во изминатите 30 години никој не презема конкретни чекори за нивно заменување. Левица претходно предочи итни мерки кои можат да се спроведат со цел намалување на загадувањето, особено во неколкуте најзагадени градови во Македонија. За жал, откако се на власт, на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ загадениот воздух не им пречи. Потсетуваме дека овие партии го намалија Буџетот за над 50% против аерозагадувањето, а очигледно од препораките и еколошките програми, апсолутно ништо не се спроведува – реагираат од Левица.
Бараат мапирање и строго казнување на големите загадувачи, кои со години функционираат без реални санкции за нивното влијание врз животната средина, гасификација на индустријата и домаќинствата, што ќе доведе до значително намалување на штетните емисии, задолжително и бесплатно приклучување на колективните станбени згради и јавните објекти кон централниот систем на парно греење (Топлификација), ревизија на начинот на трошење на средствата од т.н. Зелен фонд, како и насочување кон планско лоцирање на индустриски капацитети, фабрики, погони или постројки што подалеку од градската зона (особено кон исток).
Премиерот Христијан Мицкоски се согласува дека единствен начин како може да се намали емисијата на штетни честички е од ноември до март да се смени системот на затоплување домови бидејќи за време на грејната сезона емисијата на ПМ2,5 И ПМ10 честички е 10, 20, 30 пати над нормалата. Тој рече дека се работи на тоа, но, дека е потребно време и со изградба на гасни централи.
Од „02 Иницијатива“ сметаат дека треба да се редуцира и бројот на возила од 1 октомври до 1 мај, и да можат да сообраќаат само возила од прва еколошка категорија, со зелена налепница, согласно Законот за возила.
(С.Бл.)