Извршниот директор на компанијата UnitedHealthcare, Брајан Томпсон, беше убиен во средата наутро во центарот на Менхетен во целен напад додека одеше кон хотелот Хилтон Мидтаун, каде што неговата компанија беше домаќин на годишната конференција за инвеститори, соопшти њујоршката полиција.
Напаѓачот се уште е во бегство.
Според полициските информации, нешто пред седум часот наутро по локално време, маскиран маж со револвер го чекал Томпсон пред хотелот. Откако му пришол одзади, тој го застрелал најмалку двапати – еднаш во грбот и еднаш во десната нога, објаснила полициската комесарка Џесика Тиш.
„Бројни случајни минувачи поминаа покрај осомничениот, но тој јасно ја чекаше својата цел. Врз основа на достапните информации, веруваме дека ова е однапред испланиран и насочен напад“, рече Тиш на прес-конференцијата.
Томпсон починал во болница и покрај напорите на болничарите, кои го нашле во критична состојба. Засега не е познат мотивот за убиството. Извор близок до истрагата рече дека матичната компанија UnitedHealth Group претходно била запознаена со заканите упатени кон нејзините директори, иако името на Томпсон не било споменато во нив.
Неговата сопруга Полет изјави за NBC News дека заканите кон нејзиниот сопруг можеби се поврзани со незадоволството од здравственото осигурување. „Ми кажа дека некои луѓе му се заканувале, но јас не ги знаев деталите“, рече таа.
Напад во хотелската зона на Менхетен
Томпсон престојувал во хотел спроти Хилтон и бил на пат кон местото на одржување на конференција во моментот на нападот. Според првичните информации, напаѓачот користел пиштол со придушувач и ги игнорирал сите минувачи додека ја следел својата цел. Откако му се заглавил пиштолот, тој брзо го поправил дефектот и продолжил да пука пред да побегне низ улица.
„Врз основа на неговото однесување, се чини дека напаѓачот е вешт со огнено оружје“, рече шефот на детективите Џо Кени.
Осомничениот потоа избегал пеш, а потоа продолжил да вози на електричен велосипед. Полицијата соопшти дека при бегството биле пронајдени потенцијални докази – мобилен телефон и шише вода. Телефонските записи и ДНК трагите би можеле да помогнат во идентификувањето на убиецот.