Вернер Херцог е едно од најдолготрајните имиња во светот на филмот, незаменлив дел од неговата историја.
Познатиот германски филмски режисер Вернер Херцог ќе се закити со Златен лав за животно дело на овогодинешниот филмски фестивал во Венеција, објави „Венециското биенале“ .
На претстојниот 82. филмски фестивал, кој ќе се одржи од 27 август до 6 септември во Венеција, еден од најголемите германски филмаџии, по претходните лауреати како Лилијана Кавани или Питер Вир, ќе го добие почесниот Златен лав.
– Се чувствувам длабоко почестен што го добив Златниот лав за животно дело на филмскиот фестивал во Венеција. Отсекогаш сум се трудел да бидам добар филмски војник, а ова признание го гледам како медал за мојата работа – изјави Вернер Херцог, заблагодарувајќи им се на челниците на познатиот фестивал.
Без оглед на тоа што летото ќе добие награда за животно дело, Херцог почувствува потреба да забележи:
– Сепак, не се пензионирав. Работам како и секогаш. Пред неколку недели го завршив документарниот филм во Африка „Ghost Elephants“, а во моментов снимам игран филм „Bucking Fastard“ во Ирска. Работам и на нов анимиран филмски проект, базиран на мојот роман „Светот на самракот“, а исто така му го позајмив гласот на едно суштество во новиот анимиран потфат на Бонг Џун-хо. Уште не сум завршил – изјави Херцог.
Челниците на филмскиот фестивал во Венеција потсетуваат дека Вернер Херцог е роден во Минхен во 1942 година, а дека првиот филм го снимил на само 19 години. Напуштајќи ги студиите по историја и литература, тој замина во светот на филмската уметност, опфаќајќи различни жанрови во неговите дела. Од богатиот опус на Херцег се издвојуваат бисерите, како што се: „Агире, гневот Божји“, „Фикаралдо“, „Човекот Гризли“, „Пештерата на заборавените соништа“…
Објавил и книги поезија и проза, меѓу кои „На одење по мраз“, „Секој човек за себе, и Бог против сите“, „Светот на самракот“… Сценирал опери на театарските сцени и глумел во филмови како „Џек Ричер“, „Мандалоријан“ и го позајмил гласот за една од епизодите на „Симпсонови“.
Уметничкиот директор на Венецискиот филмски фестивал Алберто Барбера го опиша Херцог како „физички режисер и неуморен планинар кој секогаш ја тестира нашата способност за гледање, нè предизвикува да разбереме што лежи надвор од илузијата на реалноста и ги доведува во прашање границите на филмското разбирање во немилосрдното стремење кон повисока, екстатична вистина и нови сетилни искуства“.
– Тој е еден од најголемите иноватори на новата германска кинематографија благодарение на филмовите како што се „Знаци на животот“, „Носферату: Фантом на ноќта“, „Агуире, Божјиот гнев“, „Фицкаралдо“, „Човекот Гризли“ и никогаш не престана да ги тестира границите на филмскиот јазик, бришејќи ги бариерите помеѓу документарецот и фикцијата, односот помеѓу сликата и музиката и бесконечната убавина на природата и нејзината неизбежна расипаност. Кариерата на Херцог е и фасцинантна и ризична бидејќи вклучува целосна посветеност и изложување на физички ризици, каде што постојано демне катастрофа. Kако брилијантен раскажувач на необични приказни, Вернер Херцог е и последниот претставник на големата традиција на германскиот романтизам, визионерски истражувач, посветен, како што самиот рече, на потрагата по пристојно и соодветно место за човештвото, за пејзажот на душата – заклучи Барбера.