По светските филмски фестивали и номинацијата за наградата „Оскар“, на репертоарот на домашните кина ширум земјава деновиве пристигна биографскиот филм „Марија“ за една од најпознатите оперски пејачки од минатиот век – Марија Калас.
Бурната, убава и трагична приказна за животот на најголемата оперска пејачка е проткаена со нејзините последни денови во Париз, во седумдесеттите.
За драмата, во режија на Пабло Ларин, се зборуваше и пред фестивалот во Венеција, каде се одржа светската премиера, а покрај големиот интерес за животот на оперската дива, вниманието на јавноста го привлече и фактот што ѕвездата Анџелина Џоли се појави во ликот на Марија.
За потребите на филмот, режисерот Лараин во едно интервју изјави дека Џоли е едногласниот избор за улогата, бидејќи таа, како и самата Марија Калас, претставува лик на жена чие присуство се чувствува на сцената, пред камерата, дури и во самата соба.
По создавањето на успешниот филм „Спенсер“ за принцезата Дијана, режисерот Пабло Ларин и сценаристот Стивен Најт повторно ги вкрстија уметничките копја и го креираа филмот за Калас – уште едно силно женско име, остварување годинава номинирано за „Оскар„ во категоријата најдобра кинематографија.
Марија Калас, по потекло од Грција, е родена во 1923 година во Њујорк. Во текот на кариерата, благодарение на нејзината неверојатна вокална моќ, таа се здоби со голема популарност, признание и најдобрите критичари, а нејзиниот пат од скромни изведби се движеше до појавување на сцените на најпознатите оперски куќи, како што се миланската Скала и Метрополитен. Гласот на Марија имаше опсег од неверојатни три октави, и иако официјално беше сопран, таа можеше да изведува различни арии. Таа беше икона и една од најпознатите личности на дваесеттиот век.