Британскиот филм „Конклавa“ (Conclave) доби 12, остварувањето „Емилија Перез“ (Emilia Pérez) 11, а „Бруталистот“ (The Brutalist) девет номинации за филмските награди на Британската академија за филм и телевизија (БАФТА) за 2025 година.

„Конклавa“ го прикажува кардиналот Лоренс, кој е задолжен да води еден од најтајните и најдревни настани во светот, избирајќи нов папа, но се наоѓа во центарот на заговор, кој може да го разниша темелот на Католичката црква. Филмот е номиниран во категориите за најдобар филм, потоа за извонреден британски филм, најдобар режисер (Едвард Бергер), најдобар главен актер (Ралф Фајнс), најдобра споредна женска улога (Изабела Роселини), како и за адаптирано сценарио, кастинг, кинематографија, костими, монтажа, саундтрак, продукциски дизајн.

„Емилија Перез“, пак, ги доби номинациите за најдобар филм, потоа за филм од неанглиско говорно подрачје, режисер (Жак Одиар), главна актерка (Карла Софија Гаскон), споредна женска улога (Селена Гомез и Зои Салдана), како за и адаптирано сценарио, кинематографија, шминка, монтажа и саундтрак. Филмот прикажува четири извонредни жени во Мексико, и секоја од нив ја следи својата среќа. Водачот на картелот, Емилија, ја ангажира Рита, потценета адвокатка, да ѝ помогне да ја лажира нејзината смрт за да може конечно да живее автентично како нејзиното вистинско јас.

Меѓу деветте номинации што ги доби „Бруталистот“ се и за најдобар филм, најдобар режисер (Брејди Корбет), главен актер (Адриен Броди), најдобра споредна женска улога (Фелисити Џонс) и за најдобра споредна машка улога (Гај Пирс). Филмот ги прикажува архитектот визионер и неговата сопруга, кои бегаат од повоена Европа во 1947 година за да го обноват своето наследство и за да бидат сведоци на раѓањето на модерните САД, кога се менуваат нивните животи засекогаш, од мистериозен, богат клиент.
Кај актерските номинации, во категоријата за најдобар актер, покрај Фајнс и Броди, за БАФТА-наградата ќе се борат и Тимоти Шаламе, Хју Грант, Колман Доминго и Себастијан Стан, а во категоријата најдобра актерка и Синтиа Ериво, Деми Мур, Мики Мадсон, Сирша Ронан и Маријан Жан-Батист.
Наградите БАФТА по 78. пат ќе бидат доделени на свечена церемонија на 16 февруари, во Лондон.