Филков: За фемицид, предвидена е и доживотна казна затвор

72

На Третиот правосуден форум за родова рамноправност на Западен Балкан, министерот за правда, Игор Филков, вчера порача дека нема напредок во општеството без почитување на основните човекови права на секој поединец.

– Родовата еднаквост не е само право туку е и обврска. Нема напредок во општеството без почитување на основните човекови права на секој поединец. Загрозувањето на родовата рамноправност го загрозува и почитувањето на основните човекови слободи и права – рече министерот за правда, Игор Филков.

Министерот Филков посочи дека ние сме една од првите земји што во 2011 година ја потпишале Истанбулската конвенција.

– По нејзината ратификација во 2018 година, ги направивме првите законски измени што го криминализираат родово базираното насилство и ја воведуваат новата квалификација за фемицид, со предвидени строго дефинирани казни. Кривичниот законик веќе е изменет и усогласен со Истанбулската конвенција. За кривичното дело убиство – фемицид, предвидена е најмалку десет години затворска казна или доживотен затвор при вршење родово базирано насилство.

Постигнат е напредок и со носењето на Законот за исплата на паричен надоместок на жртвите од кривични дела со насилство. Со ова се спречува секундарна виктимизација како дополнително страдање на жртвите, од кои најголемиот дел се жени. Во октомври 2024 година, ја отворивме канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртвите од кривично дело со насилство, која успешно функционира и ги процесира постапките.

Министерството за правда ќе продолжи да вложува во правниот систем за да обезбеди вистинска заштита на сите жртви и ќе продолжиме да работиме на унапредувањето на пристапот до правда – потенцира министерот Филков.

ИЗДВОЕНИ