Министерот за правда, Игор Филков ја разреши судијката Даниела Алексовска Стојановска од работната група во Министерството за правда. Судијката била дел од работната група која е формирана во декември 2020 година, за измените на Кривичниот законик. Според Филков, ова го прави со цел да не се дискредитира процесот кој што е започнат за реформите во правосудството.
Министерот смета дека е крајно време, надлежните институции да покажат дека се подготвени да преземат мерки, со цел лоцирање на виновниците и нивна евентуална одговорност.
„Овој случај е само потврда на податоците за оценка на работата на судовите кои беа презентирани пред некој ден. Токму брзината на постапувањето и корумпираноста беа детектирани за најголем проблем на судството со најниска оценка. Се отвора можност за слични случаи. Апелирам до сите политички чинители да не го злоупотребуваат за дневно-политички цели. Нема да дозволам неказнивост или недопирливост“, рече Филков на прес-конференција.
Тој беше дециден дека не лоцира одговорност кај судијката за нејзината одлука за претходното сторено кривично дело на возачот Васил Јованов кој ја усмрти младата Фросина Кулавкова.
Во досието на возачот стои и дека ова не е прва сообраќајна несреќа што ја предизвикал. Во ноември 2022-ра година, полесно повредил пешак, но се спогодиле со оштетената да нема кривично гонење, но да плати 300 евра казна.
20-годишниот Васил Јованов со брзина од 130 километри на час, во алкохолизирана состојба удрил во 22-годишната Фросина. Тој не поседувал возачка дозвола, а неговото полициско досие открива дека во минатото е сторител на неколку кривични дела. Недозволена трговија со дрога, нарушување на јавниот ред и мир, насилство и сторител на повеќе сообраќајни прекршоци за што бил упатен во казнено поправен дом.