Повик за правење заедничка натпартиска државна стратегија упати вчера лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој рече дека СДСМ, како конструктивна опозиција, нуди реално решение што се темели на заедништво и долгорочна визија.
– Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве, јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа што ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување – изјави Филипче на прес-конференцијата по повод шест месеци од работење на Владата.
Според него, оваа заедничка, натпартиска стратегија ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови.
– Во изминатите шест месеци, слушнавме понуди за повеќе национални платформи, декларации, некакви повици за обединување. Жално е кога се гледа како партиите од власта го користат терминот „обединување“, всушност, за политички поделби – истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ предложи конкретни чекори за изработка на таква платформа.
– Од денес им нудам формирање тимови од сите парламентарни партии што ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираме стратешките позиции во сите области. Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството, и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова е планот за државата и ова се проектите што ниедна влада, ниту сега ниту во иднина, нема да ги кочи и опструира – истакна Филипче.
До ова доаѓа по кратко време откако СДСМ категорично ја одби понудената Националната платформа за македонско национално единство и црвените линии понудена од движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, тогаш рече дека целта на платформата содржана во деветте точки е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и ќе се гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на стратешката цел: полноправното членство во Европската Унија.
– Со овој чин се нуди можност за национално обединување, пред сè на македонскиот народ, но и на сите етнички заедници што живеат во неа – рече тогаш Димитриевски, по што се доставуваше Платформата до сите парламентарни политички партии.
Од СДСМ веднаш го одбија понудениот документ.
– Нема ништо свето, ниту патриотско кај човек што од лукративни причини продал свои сопартијци и од истите лукративни интереси ги погазил сите социјалдемократски вредности за да му слугува на Христијан Мицкоски. Очигледно, некој има грижа на совеста и затоа мора да се повикува на нешто друго. Тоа е прочитана книга – соопштија од СДСМ.
Од најголемата опозициска партија вчера не соопштија како ќе воспостават комуникација во иднина со другите политички партии до кои е упатен повикот. Филипче најави теренска кампања по празниците, како дел од новата платформа на партијата, која ги става граѓаните на прво место.
– Сакам да најавам масовна теренска кампања по празниците. СДСМ не смее и нема да ги заборави луѓето. Не смееме да ги оставиме на маргините и со чувство дека не може ништо да направат во ситуација кога не се грижи власта за нив и за реалните проблеми – истакна Филипче. (Б.Ѓ.)