На концертот „Филхармонија на кирилица“, што ќе се одржи утревечер (23 јануари), во 20 часот нема да настапи македонската пијанистка Нина Костова, која го откажа својот настап поради здравствени причини. Поради краткото време за наоѓање на друг солист, на овој концерт ќе биде изведена само симфониска музика и ќе оди во еден дел без пауза. Диригент е Борјан Цанев.

На програмата останува Симфонијата бр.2 во це-мол, оп. 29, оркестарско дело кое одамна не прозвучело на нашата музичка сцена. Рускиот композитор Александар Скрјабин (1872-1915) бил музички гениј, филозоф, мистик и езотерик. Симфонијата бр. 2 во це-мол, Оп. 29, Скрјабин ја пишувал во периодот помеѓу 1901 и 1902 година. Во неа романтизмот е движечка сила, но воедно може да се почувствуваат и навестувања на мистични и трансцендентални мотиви, кои ќе станат доминантни во неговиот подоцнежен музички опус. На програмата е и увертирата од операта „Хованшчина“ од рускиот композитор Модест Мусоргски, напишана во периодот меѓу 1872 и 1880 година, која носи поднаслов „Национална музичка драма“. Операта е позната по длабокиот емоционален сензибилитет типичен за опусот на Мусоргски, иновативната употреба на фолклорните елементи и претставува живописен портрет на руското општество.

Како што информираат од Филхармонија, сите кои имаат купено билети за првичната програмата на овој концерт, а не сакаат да присуствуваат на сменетиот концепт, можаат да ги вратат на билетарницата.

ИЗДВОЕНИ