Вработените во Македонската филхармонија, вчера, упатија писмо до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со барање „да не се повторува погубната практика на кадровски грешки“. Ова се случува во време додека трае конкурсот за избор на прв човек на оваа национална установа.

„Би сакале однапред да укажеме, за да не се повтори погубната практика на кадровски грешки кои беа составен дел од водењето политика во минатото.

Уште во јуни, пред формирањето на новата Влада, во еден медиум, господин Изет Меџити јавно објави дека Вреди ја „добил” Филхармонија и дека Мустафа Имери ќе биде првиот Албанец, кој ќе раководи со институцијата. Оваа скандалозна објава ја руши легитимноста на конкурсот кој се уште е во тек, бидејќи името на господин Имери сè уште фигурира низ кулоарите како сигурна и договорена опција за директорското место на нашата институција“, велат од синдикатот на Филхармонија во писмото до Мицкоски и Љутков.

Тие ги потсетија и дека во програмата пред изборите, освен проекти за напредок на Македонија во сите сфери, се нагласуваше и кадровскиот потенцијал на идната владина коалиција со нагласена решителност за справување со корупцијата и примената на т.н. мерит-систем, односно поставување на кадри и напредување врз основа на компетентност, способност и професионални заслуги.

„Токму на тој начин, треба да се избере и директор на нашата институција, според законски утврдена процедура со вградени критериуми од страна на ресорното Министерство. Секој друг начин за избор на директор со кој се прескокнуваат највисоките скалила на одлучување е голема храброст (или дрскост). Лицитацијата на функции без спроведување на законска процедура со јасно утврдени критериуми е навреда за дејците во културата, а во таа насока и за нас, вработените во Македонската филхармонија. Директор на Филхармонија легитимно се избира на конкурс, и треба да се избере кандидатот со најдобра програма и професионални квалификации и референци, додаваат од Македонската филхармонија.

Оваа национална установа која осум децении освен што ја промовира класичната музика на највисоко ниво е главен промотор и на македонската музичка мисла и на домашните композитори и изведувачи од нејзиното основање до денес, тие укажаа и на значењето кое установата го има за државата.

„Другите земји во светот имаат по неколку државни симфониски оркестри, Македонија има само еден – тоа е Македонската филхармонија. Таа е национален симбол, таа е столб на македонската култура, наш најголем амбасадор во светот.

Токму поради тоа, за нас е исклучително важно кој ќе застане на чело на нашата институција, бидејќи тоа ја одредува насоката во која ќе продолжиме да се движиме во иднина“, додаваат од Македонската филхармонија.

Од Министерството за култура, пак, за весникот ВЕЧЕР посочија: „Во моментов имаме активен конкурс и не можеме да дадеме никаков коментар“.

 

ИЗДВОЕНИ