Фицо: Мрежите поврзани со Украина сакаат да ме соборат од власт, имам докази

257

Словачкиот националистички премиер Роберт Фицо, во петокот изјави дека има докази дека мрежите поврзани со Украина се обидуваат да ја дестабилизираат Словачка и да ја соборат неговата влада.

Украински државјанин веќе е во притвор и чека депортација, а повеќе би можеле да бидат протерани од земјата, изјави Фицо за новинарите во Братислава.

Словачка воведе и неколку забрани за влез, додаде премиерот.

Фицо не го откри идентитетот на приведениот Украинец.

Сепак, тој рече дека има докази дека организаторите на неодамнешните масовни протести против словачката влада не само што биле тесно поврзани со делови од словачката опозиција, туку и со таканаречената Грузиска легија. Тоа е волонтерска единица, а основана е од Грузијци кои се борат на украинската страна против Русија, која ја нападна Украина пред речиси три години.

Според словачкиот премиер, претставниците на Грузиската легија се користат од украинските разузнавачки служби за активности во странство. На водачот на таа единица, Мамука Мамулашвили, и на уште неколку неименувани лица им беше забранет влез во Словачка, рече Фицо.

Советник на словачката влада претходно објави фотографија од либералната опозициска политичарка Луција Стаселова и Мамулашвили на промоција на книга.

Стаселова е водечки претставник на граѓанската иницијатива Миер Украина (Мир за Украина), официјалниот организатор на неодамнешните антивладини демонстрации во Словачка.

Иницијативата се залага за воена поддршка за Украина и повикува на оставка на Фиц. Претставниците на опозицијата го отфрлија говорот на словачкиот премиер како „теорија на заговор“.

ИЗДВОЕНИ