Словачките опозициски партии ќе побараат гласање за доверба на владата, изјави денеска лидерот на најголемата опозициска партија, обвинувајќи го премиерот Роберт Фицо дека ја доближува својата надворешна политика кон Русија и не ги решава домашните проблеми.
Владејачката левичарско-националистичка коалиција на Роберт Фицо е сè понестабилна во последните месеци. Нејзиното мнозинство падна на 76 места во парламентот од вкупно 150, пренесува Ројтерс.
Фицо се соочува со несогласувања со некои пратеници од помалите партии во коалицијата и спорови меѓу неговите партнери.
Не се знае кога ќе се гласа за доверба на Владата. Опозицијата треба да добие мнозинство гласови за да победи. Во тој случај словачкиот претседател би морал да формира нова влада.
Парламентот може да се согласи да се одржат предвремени избори, но за тоа е потребна поддршка и од опозицијата и од владиниот блок.
Владата се соочува со големи домашни проблеми, вклучувајќи висок буџетски дефицит, проблеми во здравствениот систем и прекин на протокот на руски гас низ Украина.
„Роберт Фицо ја напушти Словачка. Наместо да биде во својата земја и да работи на решавање на проблемите, тој лета низ светот и им се поклонува на диктаторите“, рече Михал Шимецка, шеф на најголемата опозициска партија Прогресивна Словачка.
Опозицијата, додаде тој, е посветена да обезбеди земјата да остане цврсто закотвена во Европската унија и НАТО алијансата.
Фицо изјави дека запирањето на транзитот на руски гас преку Украина ќе ја чини Словачка 1,5 милијарди евра. Тој се закани дека ќе ја прекине хуманитарната помош за Киев поради спорот.
Минатиот месец Фицо отпатува во Москва на разговори за ова прашање со рускиот претседател Владимир Путин, но не го посети Киев.
Пред спорот за гасот, Фицо ја прекина воената поддршка на Словачка за Украина во војната со Русија.