Фицо: Украина нема да влезе во НАТО додека сум на чело на словачката влада

60

Словачкиот премиер Роберт Фицо рече дека ќе се обиде да го блокира членството на Украина во НАТО се додека е на власт.

„Се додека сум на чело на словачката влада, ќе им наложам на пратениците кои се под моја контрола како претседател (на владејачката партија Смер) никогаш да не се согласат Украина да влезе во НАТО“, рече Фицо, пренесува Политико.

Фицо претходно изјави дека мисли дека следната година ќе отпатува за Москва за да присуствува на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.

Дополнително, тој посочи дека, доколку војната во Украина заврши за време на неговиот мандат, има намера да направи се за да ги врати стандардните и економските врски со Русија, нагласувајќи дека „на Европската унија и треба Русија, а на Русија и е потребна Европската унија“.

Заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Фицо постојано укажуваше на потребата од прекин на огнот во Украина и почеток на мировни преговори со кои ќе се стави крај на војната.

Орбан ги посети Киев и Москва оваа година и исто така го опиша своето патување како „мировна мисија“.

Ставот на Фицо драматично се разликува од оној на Марк Руте, новиот генерален секретар на НАТО, кој во четвртокот рече дека „Украина е поблиску до НАТО од кога било досега и ќе продолжи да го прави тоа додека не стане членка на алијансата“.

Според основачкиот договор на НАТО од 1949 година, одлуките за проширување се носат со „едногласна спогодба“, што значи дека противењето на Фицо за пристапување на Украина во алијансата навистина може да го блокира нејзиното членство барем до крајот на сегашниот мандат на словачкиот лидер во 2027 година. Другите членки на НАТО, пријателски настроени кон Русија, исто така би можеле да се обидат да ја спречат желбата на Украина да се приклучи на алијансата.