Фицо предупредува на гасна криза доколку престане транзитот на руски гас низ Украина

594

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, денеска предупреди на можноста од гасна криза бидејќи Украина одбива да го продолжи договорот за транзит на природен гас низ нејзина територија по крајот на оваа година, кога ќе истече, пренесува Ројтерс.

Украина постојано најавуваше дека нема да го продолжи договорот со Русија за транзит на гас, бидејќи двете земји се во војна.

Словачка, која има долгорочен договор со рускиот гасен гигант Газпром, се обидува да продолжи да добива гас преку Украина, бидејќи тврди дека купувањето на друго место би ја чинело 220 милиони долари повеќе транзитни трошоци.

Фицо ова прашање го покрена вчера на самитот на Европската унија во Брисел, на кој присуствуваше и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој повтори дека неговата земја нема да дозволи натамошен транзит на руски гас низ нејзината територија.

„Јасно е дека се соочуваме со гасна криза благодарение на претседателот Зеленски“, рече Фицо денеска на прес-конференција во Братислава, без дополнително појаснување.

Фицо вчера го отфрли предлогот на Зеленски дека Киев би можел да размисли за продолжување на транспортот на руски гас – под услов Москва да не добие профит за испорака на гориво додека не заврши војната.

Европската комисија соопшти дека нема интерес рускиот гас да продолжи да тече низ Украина.

Фицо ја посочи можноста неговата земја да разгледа „реципрочни мерки“ доколку не продолжи транспортот на гас преку Украина.

Во последните години, Словачка и обезбедува на Украина енергија, како што се струја и гориво, а исто така обезбедува хуманитарна помош за својот сосед.

Сепак, владата во Словачка се смени. Новиот премиер Фицо ја откажа државната воена помош за Киев и смета дека нема решение за војната во Украина. Тој ги критикува и санкциите против Москва.

ИЗДВОЕНИ