Светската куќа на кошарката (ФИБА) и најквалитетното клупско натпреварување на Стариот Континент – Евролигата со години имаат замрсени односи, а тоа гледа да го искористи првиот човек на НБА, Адам Силвер.
Од ФИБА истакнаа дека во следните неколку месеци ќе се обидат да дојдат до соработка со НБА за проектот „Европска НБА-лига“. Оваа вест беше потврдена од Андреас Загклис, генералниот секретар на ФИБА, кој истакна дека е во сериозни разговори со првиот човек на НБА, Адам Силвер, и со неговиот кабинет.
Целта би била да се започне сосема нова лига, која, всушност, ќе се натпреварува со Евролигата и со другите професионални лиги и нивните национални првенства.
- Тука има чист и јасен интерес од НБА и разговараме долго време. Имавме дискусии и ќе продолжиме со нив во блиска иднина бидејќи НБА е сериозен партнер. Тоа е нешто што е на нашиот радар долго време. Се обидуваме да го реализираме сето тоа заедно. Наша работа е да продолжиме со сериозните дискусии со нашите партнери во НБА – истакна Загклис.
Во моментов, во НБА-лигата има дури 60 Европејци, поточно околу 15 % од вкупниот дел од лигата.
Адам Силвер истакна дека НБА-лигата веќе подолго време размислува како да се приспособи системот од Европа на НБА-ниво на натпреварување. Веќе долги години е практика некои НБА-натпревари да се играат во Европа, па Сан Антонио спарс и Индијана пејсерс ќе играат во Париз.
Евролигата моментално е конгломерат од 18. најдобри клуба од европскиот континент. Имаат 13 постојани учесници и пет што мора да се квалификуваат.
Постојаните учесници имаат лиценца до крајот на сезоната 2025/2026 и, според медиумите, токму тогаш ќе сакаат да се обидат да влезат во приказната со најголемите клубови.
Така, засега ниту Реал Мадрид, ниту Барселона, ниту Фенербахче, ниту некои други европски клубови ја продолжиле лиценцата надвор од споменатиот период.
- Сакаме нашиот спорт секогаш да расте и во исто време да го заштитиме нашиот екосистем. Можеме да го направиме тоа само со календарот и да ги почитуваме националните селекции и националните првенства. Веќе имаме интегриран екосистем со нашите национални првенства и, секако, сакаме да биде од корист тоа за сите клубови, а не за одделни клубови. Сите тие создаваат играчи за подобро утре и ја носат кошарката на подобро место од она денеска – истакна генералниот секретар на ФИБА, Загклис.