Производителите на погонски единици во Формула 1, Хонда и Алпин (Рено), се согласија да ѝ платат казни на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) за процедуралните прекршувања на правилата за ограничување на трошоците за мотор. Па така Хонда ќе плати казна од 600.000 долари, додека Алпин ќе плати 400.000 долари.
Според извештајот на ФИА, од Хонда не ги доставиле точните документи, бидејќи пресметките на трошоците вклучуваат погрешно исклучени или приспособени ставки.
Казната за Алпин е помала, бидејќи екипата доцнела со поднесувањето на документацијата. ФИА оценила дека не доставиле релевантни информации оттаму.
Федерацијата понуди договор за прекршување за да се реши случајот без дополнителни санкции, а Хонда и Алпин експресно го прифатија.
Двете компании ќе ги покријат сите административни трошоци направени од ФИА во текот на истрагата.
ФИА истакна дека двата производитела покажале соработка и постапиле со добра волја во целата ситуација.
- Нема наводи или докази дека Алпин или Хонда се обиделе да се здобијат со неправедна предност како резултат на оваа повреда – се вели во соопштението.
Од 2023 година, производителите на Ф1-мотори подлежат на ограничување на трошоците. Сите производители успеаја да останат во рамките на буџетската граница.