Фетаи: ОЈО има обврска да го повика Ахмети на распит за локацијата на Груби

34

Вицепремиерот за политики и добро владеење, Арбен Фетаи преку статус на социјалните мрежи реагираше по изјавата на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети за тоа каде се наоѓа екс-вицепремиерот Артан Груби. Според Фетаи, обвинителството има законска обврска да го повика Ахмети.

„Али Ахмети изјави дека има сознанија за локацијата на Артан Груби, по кого има меѓународна потерница. Јавното обвинителство, врз основа на оваа јавна изјава, има законска обврска да го повика Али Ахмети и да го праша каде се наоѓа лицето кое го гони правдата на државата“, објави Фетаи.

Инаку, вчера Ахмети во изјава за косовските медиуми посочил дека неговиот довчерашен сопартиец, Груби не побегнал, но и дека тој самиот немал контакт со него. Сепак тврди дека има информации дека Груби е во добра состојба и дека се наоѓа на албанска територија.

„Господинот Груби, според информациите што ги имам, не сум го сретнал, но е во ред. Неговата локација е секако на албанска територија, тоа е процес на кој мора да има епилог. Тој не побегнал од Македонија, подготвен е да се појави пред органите на правдата за да ги почитува законите, но не во одмазничка и селективна правда“,рече претходно Ахмети.

„Ние сме против селективна правда и употреба на навреди и клевети за дневно-политички цели и подготвени сме да одговориме во секој момент“, кажал Ахмети.

ИЗДВОЕНИ