Фестивал на нарцисот „Лазарополе цути 2025 година“

35

Под мотото „Да го прославиме Европскиот ден на парковите – 24 Мај, Националниот парк ‘Маврово’ и Лазороските нарцисови ливади“, на 24 мај годинава ќе се одржи фестивалот на нарцисот „Лазарополе цути 2025 година“.

НП „Маврово“ е прогласен за национален парк во 1949 година. Тој е еден од најбогатите паркови во однос на биодиверзитетот во Македонија, во чија територија влегуваат 42 населени места, меѓу кои е и селото Лазарополе – бисерот на Бистра (претставува едно од највисоките населени места, на надморска височина од 1.350 метри, воедно и едно од најубавите села во Македонија).

НП „Маврово“, како и територијата во и околу селото Лазарополе, се одликува со извонредно богата флора, која се состои од над 1.000 вида виши растенија, од кои 38 се дрвни видови, 35 грмушки, а шеесетина се ендемски, реликтни или ретки видови.

НП „Маврово“ претставува класично наоѓалиште на седум растителни вида, тој е единствено наоѓалиште во Македонија на 12 ретки растителни вида, а во неговите граници се среќаваат уште 33 вида растенија што се многу ретки во другите делови на Македонија. Овој национален парк е и единственото наоѓалиште во Републикава на 12 ретки растителни вида, а во неговите граници се среќаваат уште 33 други вида растенија што се многу ретки во другите делови од државава.

Во селото Лазарополе, пак, има ендемски вид на пештерски штурец, единствен во Македонија, во Калина Дупка, од видот Troglophilus (Troglophilus) lazaropolensis (евидентиран и во новата Студија за ревалоризација на НП „Маврово“). Исто така, ендемскиот вид влажни ливади – нарцисови ливади претставува природно богатство што е во категоријата активно управување, согласно со студијата, со цел трансформација во строга заштита.

Фауната на НП „Маврово“, исто така, се одликува со значителна разновидност. Таа се состои од 140 вида птици, од кои позначајни се: сивиот сокол, орелот крстач, суриот (златен) орел, шумскиот був, ливадската еја, степската еја, како и 11 вида водоземци, 12 вида влекачи и 39 вида цицачи (рисот, мечката, дивокозата, волкот и др.).

Програмата на фестивалот на нарцисот „Лазарополе цути 2025 година“ дополнително ќе биде објавена.

 

ИЗДВОЕНИ