Во текот на својата 20-годишна кариера, од кои 12 помина во Манчестер Јунајтед, Рио Фердинанд беше познат како еден од најдобрите стопери во светот. Шест пати ја освои Премиер лигата, во 2008 година и Лигата на шампионите, а за англиската репрезентација забележа 81 настап.
Одигра 692 натпревари на клупската сцена, од кои 504 за Манчестер Јунајтед и се испроба против повеќето од најдобрите светски напаѓачи. Во интервју за подкастот „Broadtalks“, Рио издвои четири играчи против кои не сакаше да игра.
Прво го спомна Раул, долгогодишната ѕвезда и легендарен капитен на Реал (М).
„Начинот на кој се движеше, влегуваше во просторот, позициите што ги зазеде…“, изјави Фердинанд за Шпанецот.
Многу слично го опиша и Холанѓанецот Денис Бергкамп со кој водеа големи битки на натпреварите против Арсенал. „Тој беше ист. Двајцата одат длабоко и како млад играч сакав да истрчам, а тоа значеше дека оставам огромен простор зад мене“.
Потоа на ред дојде Роналдо. Бразилецот, Назарио да Лима, кој повеќето дефанзивци со кои се соочи ги остави со кошмари и по бројните операции на двете колена.
„Ми даде до знаење дека има уште повисоко ниво на играње. Најлудото од се е што имаше четири операции на коленото пред првиот натпревар против мене. Не се осмелувам ни да помислам што би направил со мене ако беше целосно здрав. Тој беше марсовец, тој беше различен“, заклучи Фердинанд.
На крајот остави играч кој не беше ѕвезда на глобално ниво бидејќи најимпресивните денови во кариерата ги помина во Болтон, но со години беше закана за сите одбрани во Премиер лигата. Се работи за Кевин Дејвис.
“Беше тешко да се игра против него. Пред да се доближи топката до тебе, тој веќе те држи и те чеша. Беше страшно да се игра против него, навистина гадно, тој ќе ти даде тешко попладне”, изјави Фердинанд за Дејвис, кој за Болтон играше од 2003 до 2013 година и постигна 84 гола на 407 настапи.