EPA-EFE/DANIEL DAL ZENNARO

Екипата на Ферари оствари „двојна победа“ на трката за Големата награда на САД, на патеката во Остин, откако Шарл Леклер заврши прв, а на второто место –  Карлос Саинц. Сепак, двајцата не беа толку во преден план, туку Макс Верстапен и Ландо Норис кои се бореа за третото место на подиумот, односно за бод повеќе кога е во прашање борбата за шампионската круна во Формула 1.

На три круга пред крајот Норис успеа да го заобиколи Верстапен, кога и двајцата завршија надвор од патеката, а пред самиот крај стигна информација дека возачот на Мекларен сепак е казнет со пет секунди. Така, на Норис практично му беше одземено третото место и заврши четврти, па по овој викенд е сè подалеку од актуелниот шампион и член на Ред Бул.

Не само што доби уште три бода повеќе на своето конто Макс Верстапен, туку и во саботата доби и дополнителни два од спринт трката. Тоа значи дека Верстапен сега има вкупно 354 бодови, додека Ландо Норис е на 297 на пет трки до крајот на сезоната. Во борбата се вклучи и Шарл Леклер (275 бода), кој има на што да се надева, додека Оскар Пјастри (Мекларен) е на 247, а Карлос Саинц (Ферари) е веќе премногу далеку со 215 бода.

Што се однесува до трката во Остин, Норис ќе има за што да жали бидејќи веќе ја „прокоцка“ пол-позицијата во првиот свиок кога двете Ферарија излегоа пред него. И токму кога се чинеше дека научил од грешките, направи уште една, откако реши на лош начин да го мине Верстапен, поради што си доби дополнителна казна, која можеби ќе го даде новиот шампион во најбрзиот циркус на денешницата.