Целта не е казнување, туку создавање пазар со еднакви правила за сите, изјави Малинка Силјановска-Николиќ, претседателка на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК). Во таа насока, таа најави поинтензивни теренски контроли и мониторинг на пазарот од страна на Комисијата, со јасна порака до трговските синџири, супермаркетите, набавувачите и до дистрибутерите дека нефер трговијата нема да се толерира.
Комисијата потсетува дека законот забранува злоупотреба на значителната пазарна моќ, вклучувајќи еднострани промени на договори, неосновано одложување на плаќање, принудно враќање производи, наметнати трошоци и друго условување што ја нарушува рамноправната позиција на учесниците на пазарот. Секој трговец што врши притисок врз набавувач, го уценува или диктира услови надвор од законскиот и договорниот основ, е предмет на прекршочна постапка и ризикува сериозни санкции.
– Законот е јасен: фер трговијата не е опција, туку обврска. Ние не се бориме против бизнисот, туку против неправдата. Онаму каде што се наоѓа злоупотреба, Комисијата ќе постапува. Но, целта не е репресија, туку воспоставување култура на фер пазарна игра – изјави Силјановска-Николиќ.
Таа повика на одговорност, саморегулација и на конструктивна соработка, потенцирајќи дека најсилна економија е онаа во која сите играат според истите правила.
– Комисијата не му е непријател на бизнисот, туку чувар на правилата. Односите меѓу трговците и набавувачите мора да бидат базирани на рамноправност, предвидливост и на договор, а не на притисок, уцени и на неформално условување. Само на тој начин може да се создаде стабилен пазар на кој сите имаат еднаква шанса да успеат – додаде Николиќ.
Комисијата ги охрабрува сите економски субјекти што се чувствуваат изложени на нефер услови или притисоци, да поднесат пријава. Тие ќе бидат третирани со сериозност, професионалност и со целосна заштита на идентитетот. Законот е на нивна страна, а Комисијата е тука за да обезбеди да се спроведе.
Во периодот што следува, КЗК ќе продолжи со проактивен мониторинг на трговските синџири и со поголем број теренски контроли; со отворен дијалог со набавувачите и со коморите за препознавање на нефер практиките; со правна заштита и со постапки против компаниите што систематски го нарушуваат законот и со едукација на економските субјекти преку јавно достапни упатства, анализи и препораки.
Ова е повик за избор, ќе бидеме пазар на кој доминираат договорите зад затворени врати или систем во кој важи принципот на фер шанса за секого. Комисијата избира транспарентност, законитост и доверба. Го очекуваме истото и од сите учесници во трговијата, посочуваат од КЗК.