Федерален судија во Вашингтон го блокираше обидот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за затворање на „Гласот на Америка“, која е финансирана од федералните власти, јавува N1 Белград.
Судијата Ројс Ламберт пресуди во корист на „Гласот на Америка“ во тужбата поднесена против Кери Лејк и Виктор Моралес, претставници на Американската агенција за глобални медиуми (USAGM), кои се обидоа да ја затворат „Гласот на Америка“ и другите медиуми под надзор на тој федерален ентитет. Ова е прелиминарна одлука што може да се обжали.
Одлуката на судијата Ројс Ламберт, назначен во времето на поранешниот претседател Роналд Реган, и нареди на администрацијата на Доналд Трамп да го врати статусот на постојаните вработени и новинарите со договор во периодот пред 14 март 2025 година, кога извршната наредба на Трамп ја суспендираше нивната работа. Во својата пресуда, судијата Ламберт изјави дека одлуката на администрацијата на Трамп да ја распушти „Гласот на Америка“ е произволна и заснована на каприц.
„Обвинетите не само што не дадоа образложена анализа на нивните постапки, туку немаше никаква анализа од нивна страна“, напиша судијата Ламберт. Тој, исто така, истакна дека администрацијата на актуелниот претседател најверојатно директно прекршува бројни федерални закони.
За време на судското рочиште, правниот тим што ги застапува обвинетите тврдеше дека суспензијата на работењето на „Гласот на Америка“ не ги нарушува правата на новинарите во таа медиумска агенција на Првиот амандман, кој ја гарантира слободата на говорот и печатот – затоа што суспензијата се однесува на сите вработени, а не се издвојуваат поединци. Ваквиот аргумент на одбраната судијата Ламберт го протолкува како загрижувачки.
Одлуката на судијата Ламберт се однесува и на непрофитните медиуми „Радио Слободна Азија„ и Програмата на Блискиот Исток, но не и на „Радио Слободна Европа“ и Фондот за отворена технологија, кои инаку водат одделни правни дејствија против Лејк и Моралес – претставници на УСАГМ. Оваа американска федерална агенција ја надгледува работата на „Гласот на Америка“, „Радио Слободна Европа“, „Радио Слободна Азија“, „Куба програмата“, „Програмата за Блискиот Исток“ и Фондот за отворена технологија.
Патси Видакусвара, дописничка на „Гласот на Америка“ од Белата куќа и главен обвинител во случајот против американската влада, рече дека е задоволна од пресудата. Таа, сепак, истакна дека очекува дека претставниците на американската влада најверојатно ќе поднесат жалба.
„Ова не е само за нашите работни места и новинарски слободи, туку и за зачувување на американската национална безбедност. Секој ден што не емитуваме програма значи отстапување на глобалниот информативен простор на противниците кои го полнат со дезинформации и антиамериканска пропаганда“, рече Видакусвара.
Директорот на „Гласот на Америка“, Мајк Абрамовиц, кој е на отпуст со останатите вработени од 15 март, рече дека е многу задоволен од одлуката.
„Одлуката на судот ја потврдува нашата позиција дека Конгресот, а не извршната власт, одлучува дали да создаде или укине федерални агенции. Тоа го отвора патот за враќање на 1.300 вработени во „Гласот на Америка“ на нивните работни места, каде што ќе продолжат да известуваат за Америка и нејзината политика заснована на факти. Важноста на „Гласот на Америка“ не може да биде поголема во свет каде што американските пропаганди и бесмислени противници шират лаги на САД. – изјави Абрамовиц.
Претставници на американската администрација сè уште не ја коментирале одлуката на сојузниот судија Ламберт во врска со Гласот на Америка.
„Гласот на Америка“, која произведува радио, телевизиски и мултимедијални содржини на 49 јазици кои неделно ги гледаат 360 милиони луѓе ширум светот, не емитува програма повеќе од еден месец.
Повеќе од 1.300 вработени со полно работно време и новинари со договор беа принудени да престанат да работат и почнаа да се плашат за своите средства за егзистенција.
Ним им е забранет пристапот до редакцијата и употребата на опремата што им е доделена, додека Белата куќа во изјавите ги означува како „Гласови на радикалната левица“ – со неосновани обвинувања дека новинарите се всушност симпатизери на терористи, закана за американската национална безбедност и корумпирани проневери.
„Гласот на Америка“ во Вашингтон има и 47 новинари ангажирани во рамките на програмата за размена, познати како Ј1, кои се во процес на добивање дозвола за престој – зелена карта. Осуммина од нив се од земји каде што нивната слобода, па дури и животот би биле загрозени доколку се вратат таму во случај на престанок на работниот однос. Меѓу нив има и новинари од Русија, Белорусија и Мјанмар.
Должноста на „Гласот на Америка“, според американскиот закон и Повелбата од 1976 година, е да биде сигурен извор на точни, објективни и сеопфатни информации, да го претставува американското општество како целина, политиките што ги спроведуваат Соединетите држави и дискусиите и мислењата поврзани со нив. Една од водечките идеи е застапување и борба за слободата на медиумите ширум светот.