Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) истражува дали има некаква поврзаност помеѓу експлозијата на автомобил Тесла Сајбертрак пред меѓународниот хотел Трамп во Лас Вегас и нападот со пикап во Њу Орлеанс во кој загинаа 15 лица за време на новогодишната ноќ, соопштија официјални лица.
Специјалниот агент на ФБИ, Џереми Шварц, им изјави на новинарите дека ФБИ го идентификуваше лицето кое го управуваше автомобилот Тесла што експлодира пред хотелот на Трамп, но не е подготвен да ги објави тие информации, пренесе Ројтерс.
Големи петарди и канистри со бензин биле пронајдени во автомобилот кој експлодирал и се запалил пред хотелот на Трамп, а маж е пронајден мртов во возилото, соопшти градската полиција.
Инцидентот се случи само неколку часа откако маж влета со пикап во толпата на улицата Бурбон во Њу Орлеанс на 1 јануари, убивајќи 15 лица, а повреди повеќе од 30.
Официјалните лица сè уште немаат воспоставено врска меѓу двата настани.
Видеата снимени од очевидци во и надвор од хотелот Трамп во Лас Вегас покажаа дека возилото експлодира и пламенот избива од него околу 8:40 часот по локално време.
Според извештаите на локалните медиуми, мажот кој беше пронајден мртов во автомобилот „Tesla Cybertrak“ кој експлодираше пред хотелот на Трамп, е идентификуван како Метју Ливелсбергер, пренесува Танјуг.
Локалните медиуми објавија дека Ливелсбергер (37) бил воен ветеран кој живеел во Колорадо Спрингс, го изнајмил автомобилот што експлодирал и служел во истата воена база како Шамсуд Дин Џабар, осомничениот за нападот во Њу Орлеанс, кој беше убиен вчера наоколу 3:15 по локално време во пресметка со полицијата.